Овации за ветераните на Вардар и Победа

Хуманитарен турнир во мал фудбал

Ветераните на најпопуларните македонски фудбалски клубови, Победа и Вардар, одиграа интересен меч во мал фудбал, пред речиси полна сала “Сонце”. Публиката со воодушевување ги поздрави убавите потези. Заслужено победија гостите со 3-6 (0-3), со два гола на Бабунски, по еден на Милошевски, Милевски, Вујовиќ и Ѓорѓиоски. Во составот беа уште Стојановски, Марковски, Герасимовски, а појавувањето на легендарниот тренер Кирил Дојчиновски предизвика долготрајни овации. Победа за чесен пораз се избори со два гола на Стојковиќ и еден на Н. Здравески, а играа уште Смоквоски, Миле и Драган Спиркоски, Шалев, Наумоски, Пеце Ристески, засилени со градоначалникот Марјан Ристески. Поради повреда само тренер беше Марјан Стојкоски – Манта. Натпреварот беше во рамките на тридневниот хуманитарен турнир на Општина Прилеп, фирмата Комфи ангел и Центарот за граѓанска иницијатива, на кој победи Гинис со 1-0 над Комфи ангел. Собраните 200 илјади денари од котизација на 38 екипи и од влезниците, се наменети за Детското одделение на Општата болница во Прилеп.

Утре Бизнис лига

По еднонеделна пауза, в сабота (15, 30 ч.) во сала “Македонија” е 3. коло од Бизнис лигата во мал фудбал. Двојки: Основен суд – Горан паркетар Електроелемент, Сидро – Златна рака Проспект, Лукас Елит – Економски факултет, Агроинвест – Спорт лајф и Прилеп – Кабелнет. Водат С. Лајф и З. Р. Проспект по шест бода, а топ стрелци по четири гола се Оливер Јошевски (Горан П. Е.) и Гоце Макалоски (С. Лајф).

Loading