Прозата контра на депресијата

Депресијата е чувство кое го тишти човекот. Го затвора во себе и го прави меланхоличен. Ако се канализира, може да излезат ремек дела. Едгар Алан По, цел живот бил депресивен и ги напишал најдобрите дела во американската литература. Слично било и со нобеловецот, Ернест Хемингвеј. По фамилијарна трагедија, депресијата навлегла во срцето и душата на младата Ивана Ѓоргоска. Ама наместо да се заклучува во себе, Ивана нашла тактика како да направи метаморфоза. Почнала да пишува, скромно, без идеја. И се ределе реченици во тетратката, додека не í “светнало” дека ако на напишаното му даде смисла, може да излезе цела книга.      Почнала сериозно да ја сфаќа прозата. Тргнала полека, со вовед, заплет и расплет. Резултатот бил книгата насловена “Ангел без крилја”. Прозното дело е роман за млади со социјални, љубовни, семејни и сци-фи мотиви. Приказна која го поврзува реалното со надреалното. Накусо, одлична книга од рацете на ученичката во втори клас во СОУ “Кузман Јосифоски – Питу”. Толку е добра, што на конкурсот во Битола добила прво место. Организаторот направил и печатена верзија со 400 примероци. Изненадува фактот што 10 примероци ќе бидат преведени на српски јазик, за нивниот пазар. Ивана ќе добие 200, кои планира преку презентации да ги продаде, да има мотив повеќе за пишување. Дејството го смислила, без да копира стилови и фрази од други писатели. Вели дека уште се пронаоѓа, уште не гледа јасно во иднината. Член е на друштвото на писателите каде очекува да изгради препознатлив “потпис”. Ивана размислува да биде криминолог, адвокат или писател. Тоа í е “маката” со повеќето таленти. Слободното време го користи за дружба со другарите, а кога не е со нив мерак í се авантуристички романи. Омилен и е Хари Потер. Повеќе сака да ја чита отколку да филмови, бидејќи 700 страници не можат да се “доловат” низ 90 минути. Го обожава Џони Дип, особено во улогата на капетан Џек Спероу во “Пиратите на карибите”. Капетанот секогаш има компас и цел, па затоа и Ивана заврши со зборовите: “живееме да ги исполниме целите, и само ако ги исполниме, значи сме постоеле”.

Loading