“Поткраднувачи на кармини” стануват професионални козметичари

Козметичкото студио во СУ “Ѓорче Петров” е малку “заспано” овај период, бидејќи учениците од втора година уште се на “доза” на теорија. Ги откриваат видовите на кожа, документирајќи ги ефектите. Во следната етапа ќе шминкаат, хидратираат, ќе вршат пилинг и надградба на нокти и ќе дотеруваат веѓи. Точно 16 практикантки од втора година се фалат што меѓу нив имааат и “колега”, кој им е миленик. Професорката Изабела Анеска Димеска објаснува дека е нужно да се изучи создавање основа за практична работа – “заморниот” теоретски дел. Учениците сметаат дека веќе е мошне популарен “козметичарскиот” занает. Има интерес кај младите, кои од мали “подкраднуваат” кармини од мајки им и се дотеруваат пред огледало. Покрај книгите, новите стилови и начини на дотерување, го следат преку интернет “задолжителниот” Фасхион ТВ. Виденото веднаш го применуваат на соученикот, кој станува модна “жртва” на неискусните разубавувачи. Сите сонуваат да отворат козметички салон и да ги покажат стекнатите вештини.А, две мечтаат да се најдат во облаците, а не меѓу разубавувачите. Сакаат да бидат персонал во авионите и да станат стјуардеси. Во слободно време пак се шминкаат, ама од срце, за излегување. Мора да бидат во “топ” форма, кога тие ќе поминат, машките да ги “кршат вратовите”. Како да не се шминкаат, дотеруваат и вежбаат кога со соработка на советот на родители нивниот кабинет е најопремен. Има УВ ламба за вештачки нокти, набавени се пилинзи, одстранувачи на шминка, лакови, шминки и пудри. Овде не запира соработката. Со сопствени средства набавиле заштитни пердиња, поставена е разгласна станица. Се релаксираат со музика за време на одморите. Директорот Дејан Димоски е задоволен од соработката со родителите, затоа што во солидна атмосфера се постигнуваат подобри резултати, а и учениците со мерак ќе одат на училиште.

Loading