Незаборав за “светлоносецот” Климент Охридски

На седми декември се слави просветителот и светецот Климент Охридски, кој ја подари кириличната азбука и им ги “отвори очите” на Словените. Тој е најпознат ученик на светите браќа Кирил и Методиј, роден е во 840 година. Многу институции го носат неговото име, бидејќи просветлил десетици народи и е основач на првиот универзитет во Охрид. Една е и ОУ “Климент Охридски”, кое секоја година го одбележува денот на патронот со манифестација. На последното одбележување салата беше претесна. Прославата ја отвори брилијантниот училишен хор со интонација на химната. Директорот Добривој Талимџиоски ги соопшти досегашните успеси и проектите за иднината. Претседателот на советот на родители, Васко Сиљаноски, оцени дека со донации на родителите им се помага во подобрувањето на климата за изведување на наставата. Собраните средства од над сто илјади денари се повод за продолжување на трендот на поддршка. А децата оддадоа почит за денот на училиштето како што најдобро знаат и умеат: со песна, глума и рецитации. Детски творечки жар излезе низ демонстрацијата на наученото и вежбаното. Затоа сите добијаа громогласен аплауз.

Loading