Отворена врата за нови спонзори

Фудбал: Димитар Спиркоски, нов претседател на 11 Октомври

Полесно е со неколку фирми до долгорочна стратегија за силен градски клуб – смета првиот човек на прволигашот

Нов претседател на 11 Октомври е пензионираниот директор на секторот за увоз и извоз на Витаминка, Димитар Спиркоски. По многу години се враќа на функцијата, бидејќи беше прв човек на ФК Победа Витаминка далечната 1993/94. Кој е мотивот? Мотивот е општествената одговорност. Управата ме повика и сметам дека можам да придонесам со искуството пред сé – вели Спиркоски. Ако се споредува ситуацијата пред пред 17-18 години со актуелната, паѓаат в очи совпаѓањата. Клубовите се различни, но рангот ист, прволигашки. Спонзорот, пак ист. И тогаш и сега, која друга фирма, освен Витаминка. Сега, како тогаш, Витаминка е единствениот спонзор. Од останатите големи фирми немаме поддршка. Било која, тешко е сама да издржува клуб. Фудбалот е скап спорт и не се враќа. Не е македонскиот квалитет за повеќе кола во Европа. Треба долгорочно вложување, барем пет – шест години, клубот да се издигне, а тоа е полесно, ако финансираат три – четири фирми. Ги поканувам да се придружат на отворената врата – вели Спиркоски. Навистина чудно, во развиените земји најголемите спонзори се борат за влез во најголеми клубови, а кај нас се тргаат настрана, со изговор дека клубот веќе има еден финансиер. Колку е поубаво на стадионот да има рекламни паноа, исто на дресовите. Која е причината за ваквиот однос? Пак ја потенцирам општествената одговорност. Фирмата не е само за профит, туку и поддршка на општеството. Град од современ тип има потреба од театар, и од развиен фудбалски клуб. Имамногу загреани гледачи, кои го исполнија стадион на мечот меѓу Македонија и Албанија – смета Спиркоски. Јавноста се фокусира на резултатите. Салдото е пет бода за дното од табелата. Има ли реални шанси за опстанок? Задачата е тешка, но веруваме. Се врати самодовербата по ремито со Шкендија, победата над Вардар. Можеме до спас. Ако не бевме оптимисти, немаше да сме во 11 Октомври – заврши Димитар Спиркоски.

Вторник пред навивачи

ФФМ има расположение за намалување на казната за суспензија на теренот во Прилеп. Од шест меча, се спушта на три, веќе издржани. Значи, по утрешното гостување на Металург во Скопје, во вторник (13 ч.) е мечот дома со Хоризонт Турново. Последен пат 11 Октомври пред своите навивачи играше на 24 септември со Ренова.

Loading