НЕ Е СПРАТ, ТУКУ КАТ

Писмо до градоначалникот Марјан Ристески

Почитуван Господин градоначалник!

Не е вообичаено вака да се комуницира. Знам, но не можев да изберам друг начин. Поводот кој ме предизвика да Ви се обратам беше посилен од мојата воздржаност.

Помина доста време од кога разбрав дека некогашниот Дом на ЈНА, со определена адаптација, ќе стане ГРАДСКА КУЌА. Се радував како дете. Кога почна градбата се радував како да се случува тоа во мојот двор.

По извесно задоцнување, се изгради тој објект. Прекрасен! Онаков, каков што Прилеп заслужува да има. Никна зграда со извонредна архитектоника. Се разубави тој централен дел на градов. И почна да функционира новата зграда на Општинското Собрание. Почна и тоа на Велигден. Одлично. Се напушти старата, грда, дотраена и неубава зграда.

Уште немам влезено во новото Општинско Собрание. На една телевизиска емисија Ве гледав и ве слушав кога објаснувавте за функционалноста на внатрешниот простор. Додека вие зборувавте, назад, на екранот се емитуваа снимки од кои можевме да видиме дел од новите простории, новата сала и друго. Видовме и убаво испишани текстови кои треба да им служат на луѓето полесно да се ориентираат и да ја пронајдат просторијата што ја бараат. Не очекував дека ќе бидам шокиран од она што можев, набрзина, да го прочитам. А навистина бев стаписан, вчудовиден! Како трештен од ровја! Не можев да претпоставам дека ваква, преубава зграда, може да биде нагрдена на таков начин. Успеав да прочитам – ПРВ СПРАТ, ВТОР СПРАТ, МЕЃУСПРАТ. Зар е можно вакво нешто?! Зар е можна ваква грешка?! Зар е дозволена?! Нема ли во нашето Собрание човек што го знае добро македонскиот јазик?! Човек што знае дека СПРАТ е српски збор?! Дека на македонски тој гласи – КАТ?! Нема ли човек кој е ДОЛЖЕН да го знае тоа?! Па, нели пред самото старо Собрание е исправена највисоката зграда – ТРИНАЕСЕТТОКАТНИЦАТА (не ТРИНАЕСЕТСПРАТНИЦА). Подолу се наоѓа ДЕВЕТТОКАТНИЦАТА (не ДЕВЕТНОСПРАТНИЦА). Па, нели во последно време постојано слушаме дека во Скопје се набавиле ДВОКАТНИ (не ДВОСПРАТНИ) автобуси? Вакви натписи (ПРВ СПРАТ, ВТОР СПРАТ) среќаваме и во прилепската Општа болница и во Центарот за народно здравје (Уредот). Можеби и истиот човек ги пишувал, буквите се сосема слични.

Вакви грешки, ваква негрижа, не смее да се случува во ниедна јавна институција. Во Општинското Собрание – НАЈМАЛКУ. Тука влегуваат луѓе од најразлични профили, влегуваат и странски државјани. Мнозина, респектирајќи ја институцијата, ќе мислат и ќе веруваат дека така треба, дека тоа е правилното. Оние што знаат за грешките, ќе бидат разочарани, ќе се чувствуваат тегобно, како сега што се чувствувам јас.

Колку што можев да забележам набрзина, има и други грешки. Прочитав еден текст кој треба да не упати каде да го бараме СЕКТОРОТ за урбанизам. Таму пишува: “Раководител на СЕКТОР за урбанизам”. Овде станува збор за конкретен, определен СЕКТОР и тој збор мора да биде маркиран со член. Реченицата треба да гласи: “Раководител на СЕКТОРОТ за урбанизам”. Ваквите грешки сигурно се направени и за другите сектори. Испуштањето на членот стана опасна појава во последно време. Онаа табла што стои на улицата “Сотка Ѓорѓиоски”, која треба да ни покаже каде е ПАРКОТ НА РЕВОЛУЦИЈАТА, а на неа пишува: ПАРК НА РЕВОЛУЦИЈА”. На која РЕВОЛУЦИЈА? Тоа е нашата РЕВОЛУЦИЈА. Именката е определена и мора да има член – “ПАРК НА РЕВОЛУЦИЈАТА”. Постојано слушаме – Унија на ЖЕНИ (наместо ЖЕНИТЕ), Здружение на ПЕНЗИОНЕРИ (наместо ПЕНЗИОНЕРИТЕ), и што уште не. Но, еве, тој јазичен деформитет влезе и во Собранието.

Ваквите јазични недоследности доаѓаат, главно, од Скопје. Од скопските телевизии. Многу се, а јазикот им е ужасен. Тргнува тој бран од Скопје и како цунами ги преплавува и телевизиите од внатрешноста. За чудо, тие прифаќаат сé што доаѓа од Скопје.

Господин Градоначалник! Долго време се колебав кому да му го упатам писмово! Дали на Советот? На Претседателот на Советот? Или пак Вам? Ве одбрав Вас! Мислам дека со Вашиот авторитет и ангажираност, најмногу ќе може да придонесете за отстранување на споменативе грешки. Вака не смее да остане. Ако остане така, голем број луѓе како мене, ќе бидат крајно разочарани. А уште поголем број, безброј, ќе бидат погрешно едуцирани – грешките ќе ги научат како правило. Ова ќе биде срам за Собранието, како што со години е срам за Прилеп Спомен – плочата на родната куќа од Методија Шаторов – Шарло. Таму, неговото име е ставено во наводници, како да е некаква фирма. И стои така со години.

Господин Градоначалник! Свесен сум за Вашата ангажираност и за вашето ограничено слободно време. Не сакам да Ви додевам. Намерата ми е најдобра! Предобра! Верувам дека во едно наполно се согласуваме. ЈАЗИКОТ СЕ БРАНИ ЕДИНСТВЕНО СО НЕГОВАТА ПРАВИЛНА ПРИМЕНА.

Да си го браниме нашиот јазик. Луѓето што се задолжени за тоа, нека погледнуваат понекогаш и во Речникот и во Правописот и во Граматиката. Ќе им затреба.

Нели многу пати велиме дека Прилеп е најмакедонски, најбунтовен, најреволуционерен град. Нели Прилеп припаѓа на ЦЕНТРАЛНОТО ПОДРАЧЈЕ во Македонија чиј говор е земен за основа на литературниот јазик.

Во Прилеп, особено во најважните институции, кои го претставуваат лицето на градот, не смеат да се случуваат вакви јазични грешки. Верувам дека ќе биде отстранета оваа дамка!

Господин Градоначалник! Еве го и моето извинување, ако сум згрешил со ваквото обраќање. Ако не сум ја одбрал вистинската адреса. Готов сум да прифатам секаква критика. Но, целта ми беше една, единствена! Да се избрише дамката од лицето на Собранието, од лицето на Прилеп!

ВЕРУВАМ, ВЕРУВАМ, ВЕРУВАМ !!!

Благоја Ивчески

Loading