Срце во одбрана, памет во напад

Ракомет: Во налет младиот тим на Жито Прилеп

Најчудни голови се на Тамара Стојановиќ

Без проблем течат подготовките на женскиот суперлигаш, Жито Прилеп, а сите се задоволни од сработеното. За 29 дена имаше тренинзи и многу контролни натпревари. Оценката е висока. Добро е, има ангажираност и дисциплина. Не само на тренинзи, туку и со натпревари се реализира тактиката. Полесно е решавање задачи низ игра -вели Ристо Магдинчев, тренерот. Сите добиваат шанса. Еден меч со една постава, друг со друга. Планот е шест меча по 60 минути за секоја, на вкупно 12 натпревари. Доволни се за формата до 3. септември и гостувањето во КПК кај Гарлиава во Литванија. Функционира одбраната со мали пропусти. Треба внимание кога една на една примаме гол. Насетуваме од каде е опасноста на ривалот. Во одбрана и голманките се добри, но треба запознавање. Романката Михаела ниедна не познава, а Дијана новите девет. Со време ќе е подобро и во напад. Таму е потешко. Во одбрана треба срце, а напад и памет -потенцира Магдинчев. На пријателските има поддршка од трибините. Во фокусот се новите: голманката Јаломитеану, крилата Тамара Стојановиќ, Павичевиќ и Матановиќ, бековите Цветановска, Штериова, Мркиќ и Кликовац, пивотот Ана Стојановиќ. Најчудни голови дава десното крило Тамара Стојановиќ. Не изгледа опасна со млак удар, но топката секогаш завршува в мрежа. Млада, 18 годишна Црногорка. Голем талент, висока и брза. Не респектира никого, има одличен шут и борбена е. Алтернативно игра десен бек. Амбициозна е. Сака да игра и да победува во Лига на шампиони. И останатите не се случајни. Биле запоставени, но ќе се покажат во Прилеп -подвлекува Магдинчев.

“Освоен” Чачак

На турнејата во Србија, Жито Прилеп одигра шест пријателски. Најдобрата партија е со Борац во Чачак, крунисана со победа од 26-21 (13-12). Претходно со истиот резултат загубен е дуелот со Јагодина. Натаму ривали беа Књаз Милош ( -), Раднички Белград ( -), Наиса Ниш ( -) и повторно Јагодина ( -). Екипата вечерва се враќа дома.

Продор по школите

РК Жито Прилеп планира популаризација на ракометот со кампања во основните училишта, каде ќе гостуваат првотимките. Ќе се формираат училишни екипи за меѓусебни натпревари. Најнадежните ќе бидат во клубот. Во меѓувреме има клупски школи, водени од тренерот Менде Петлески.

Loading