Невремето стори зијан 400 илјади евра

Комисијата за проценка на штетите објави дека штетите од августовското невреме, кое го зафати дел од градот, особено населбата Рид и околината, изнесуваат околу 400 илјади евра. Околу 250 илјади евра се последици на инфраструктурата, на улиците, канализацијата и потпорните ѕидови. Поплавата погоди 112 домаќинства, каде се евидентирани штети од сто илјади евра. Невремето однесе род кај 125 тутунари и лозари за 35 илади евра, а кај неколку фирми се регистрирани штети од 12 илјади евра. Оштетен е еден автомобил, на кој се урна потпорен ѕид. Проценителите пресметале дека штетата изнесува околу 500 евра. Мишко Ристески, претседателот на локалната комисија за утврдување на штетите, изјави дека навреме е завршена проценката. Советот го потврди извештајот и тој се упати во Владата за утврдување на процентот на надомест на штетите. Владата нема рок за изјаснување на отштетата – рече Ристески. Невремето во Прилеп на 1 август поплави домови и сериозно ја оштети водоводната и канализациската мрежа. Водата го откорна асфалтот на неколку улици, а на една улица поткопа потпорен ѕид.

Loading