ЕДНО ЕВРО ЗА ВЛЕЗ СО АВТОМОБИЛ НА ГРОБИШТАТА

Доколку граѓаните сакаат со својот автомобил да стигнат во непосредна близина на гробното место и притоа да го избегнат молкнењето торби и пешачењето по патеките, за влез во Новите Градски гробишта треба да платат 60 денари. Ова е цената на новата комунална услуга која ја утврдија прилепските советници на последната седница. Од ЈКП Комуналец објаснуваат дека за ваков начин на парична услуга на оние граѓани кои сакаат со автомобил да појдат колку што е можно поблиску до гробното место, се одлучиле со цел да им овозможат на оние граѓани кои се подготвени да платат, полесно да стигнат. Воедно на овој начин ќе се избегнат недоразбирањата на капијата, кои некогаш завршувале дури и со кавги, а не ретко и тепачки меѓу вработените и неразбраните граѓани. Оној кој сака, доколку плати, ќе може да отиде поблиску до местото. Првенствено ваквата услуга ќе ги растовари повозрасните лица од товарот кој го носат, а наедно ќе се избегнат недоразбирањата и инцидентите кои се случуваа со некои упорни граѓани – вели Златко Ристески, директор на ЈКП Комуналец. Оттаму велат дека планираат, за поголемите верски празници, да го ограничат влегувањето со автомобил на гробиштата. Тогаш на граѓаните ќе им бидат ставени на располагање паркинг местата, бидејќи, ќе има голема фрквенција. Советниците на 35-тата седница дадоа виза и за новата цена на услугата за надоместокот за одржувањето на јавно прометните површини. Така, наместо досегашните 30 денари, граѓаните ќе плаќаат 10 денари повеќе, односно цената е 40 денари за домаќинство. Од овие средства не само што се покриваат трошоците за метење и миење на улиците и тротоарите низ градот, туку се одржуваат и парковските површини. Причина за порастот на цената лежи во зголемувањето на бројот на новосоздадени паркови кои ги има речиси во секоја населба. Со зголемувањето на цената на услугата ќе се обезбедат непречено потребните средства за новите паркови кои и не биле проектирани во изминатиот период за одржување. Насекаде низ градот има зелени површини кои редовно се полеваат со вода од бунари, а постојано се уредуваат места, кои биле диви депонии, со урбана опрема за одмор и рекреација.

Loading