Кризниот менаџмент и приоритетите на НАТО И ЕУ, наспроти модерните закани

Уште по завршувањето на Студената војна, полека се напушташе класичното војување за да се соочуваме во денешно време со сајбер тероризам, класичен тероризам, ширење на оружје за масовно уништување, организиран криминал, нестабилни држави, загрозеност на критичната инфраструктура, но и последици од климатски промени, односно големи елементарни непогоди (земјотреси, цунами, поплави пожари). Сето ова може да биде потенцијален почеток на нереди од пошироки размери, кога населението како последица на недостиг на основни потреби за живот, врши разни упади, кражби и слично. Модерното безбедносно опкружување содржи широк спектар на предизвици по безбедноста на населението. Советот на Европа, во ноември 2009 година, нагласи идентификација на ризиците, анализи, проценки за опасностите и матриците, сценаријата за предвидување и развивање на опасностите и редовните прегледи. Тоа се главни компоненти за превенција на ЕУ. ЕК ги задолжи земјите членки, до крајот од 2012 година да изработат меѓусекторски преглед на големите ризици, предизвикани од човекот, за да може во иднина ЕУ да ги земе во предвид и навремено да дејствува. Процесот на превенција продолжува до 2014 година, кога ќе се воведи кохерентна политика и поврзување на заканите со изработката на процена на ризици. Овде мора да се нагласи меѓуграничната димензија на ЕУ со земјите од регионот, кои не се членки. Земјите членки прават индивидуален напор, проценката на ризици да биде прифатена од земјите во регионот кои не се членки на ЕУ. Чекор понатаму е споредувањето на методолгиите за изработка на проценки од ризици, што ќе придонесе за меѓусебно дејствување при евентуално настаната опасност по две или повеќе држави. Во националните проценки на ризиците и мапирањето, ЕУ има цел да обезбеди инструмент за проценка на ризиците, да го подобри спроведувањето на меѓународните стандарди, да дебатира на меѓународно ниво, да превенира катастрофи, базирани на едукација и знаење и да изработи европска база на податоци. Распространетото информирање и зголемената будност се важни чекори за идниот развој на целосното интегрирање на културата на превенирање на ризиците, што често претставува комплексна работа која вклучува многу учесници. НАТО пристапот кон кризниот менаџмент беше презентиран на Лисабонскиот Самит лани, кога се усвои новиот стратегиски концепт. Тој ќе се реализира во новата фаза на НАТО еволуцијата во менувањето на Светот против новите закани со нови капацитети и нови партнери. Алијансата ги репотврдува дејствувањата во превенирањето на ризиците, менаџирање и стабилизирање на постконфликтни ситуации. Научените лекции од НАТО операциите јасно укажуваат дека е потребен јасен политички, цивилен и воен пристап за ефективен кризен менаџмент. Според ова, најдобар начин на менаџирање на криза е превентивното дејствување, кое не е бесплатно, но е седумпати поевтино од враќање на штетата во првобитна состојба. НАТО гради капацитети со цивилниот кризен менаџмент преку цивилните партнери. Преку оваа соработка се подобрува цивилно-воената соработка и се зголемува кризниот спектрум на дејствување. Се зголемуваат и капацитетите за обука на локалните сили во кризните зони, кои први дејствуваат во дадена ситуација. Со воведување на кризниот менаџмент во справување со разни опасности, НАТО и цивилните партнери стануваат Алијанса на 21 век, која може да се соочи со модерните предивици. Република Македонија континуирано и успешно го гради кризниот менаџмент како систем, во однос на интероперабилноста со меѓународните системи за управување со кризи.

Влатко Котески

Центар за управување со кризи

Loading