НЕПРИСТОЈНО ПОТСТРИЖУВАЊЕ

– Респектирана партија, со непристојни предлози, ги третира граѓаните како објекти за потстрижување

Протече по старо последната седница на Советот на Прилеп, прва во капиталниот објект, во новата општинска “океанска зграда”. Одлуките на партиските штабови се бранат по секоја цена. Нема клима за конструктивни надополнувања за изнаоѓање и изгласување најдобри одлуки. Подготвените партиски директиви се сервираат како специјалитети, кои неутрален стомак не може да ги свари, а од кои објективно глава боли, разумот се збрложува, а личната одговорност кон сопствениот персоналитет и обрските кон граѓаните потонуваат во матните длабочини на индивидуалните стравови и егзистенцијални интереси. Несомнено, нема начин да се влијае на изгласување на некои проблематични и штетни одлуки, донесени неколку месеци пред гласањето во Советот. Поразителна е последната одлука, со која од граѓаните, кои поради здравствен хендикеп или одмината возраст се принудени до последното почивалиште на своите најблиски на градските гробишта да дојдат со моторно возило, сега за секој час минат на гробот на најблискиот ќе мора да платат по 60 денари, плус ДДВ. Со тоа, сите стари изнемоштени лица, пациенти со срцеви потешкотии, граѓани со прележани мозочни удари, лица со дегенеративни заболувања и сите други пациенти со хронични или акутни заболувања, кои не се во можност на свои нозе да стигнат до гробот на најблиските, ќе бидат спречени, доколку не платат 70 денари за еден час или, ако останат подолго од 60 минути, најмалку 140 денари. Со оваа одлука секој стар или хендикепиран, кој е принуден да дојде со возило, а нема да плати, нема да да влезе до гробот на својот најблизок. Овој, крајно непристоен предлог, да се плати влезница, да се дојде до гробот на блискиот, а оној кој нема да плати, да биде казнет со забранет влез во гробиштата, пред да биде изгласан, предложив да биде повлечен, зашто е дегутантен и крајно неприфатлив. Неопходните дополнителни средства за одржување на гробиштата, напоменав дека треба да се бараат од други извори, а кон граѓаните да се покаже внимателност и респект и да не дозволиме надгласување за чувствителни прашања. Предлогот беше прифатен единствено од советниците од опозиционата СДСМ, а од советниците од владеачката партија ниту еден не покажа доблест барем да се воздржи и да ги претпостави интересите на граѓаните пред одлуката на партиското раководство. Одлуката истура преголем товар на сите кои ќе се соочат со лични и семејни трагедии, при смрт и загуба на најблиски и обично првите 40 дена по загубата на близок член на семејството (6 недели) секојдневно го посетуваат гробот. При тоа ќе мора да платат дополнителни 5600 денари за влезница во “храмот на смртта”, а оние неретки, кои одат на гробот и наутро и навечер, ќе бидат принудени да одделат 11200 денари. Се прашувам кое објаснување ќе помине кај старите и хендикепирани граѓани, на кои ќе им биде забрането да дојдат до гробот на својот најблизок со возило, зашто немаат пари за влезница во гробиштата. Револтиран ја напуштив седницата на Советот, не верувајќи дека е можно да помине ваков непристоен предлог, со таква неподнослива леснотија, без да се искаже минимум лична доблест и грижа при гласањето, за оние кои не избрале и чии интереси треба да ги браниме. Не би можел да тврдам дали се во прашање тешкотии во манифестирањето на основната човечка култура или дехуманизација на поединците, кои станале дел од политичкиот ешалон и строго и безусловно, “војнички”, исполнуваат партиски задачи. Не можам да не нагласам дека постојат прашања од највисок егзистенцијален и надпартиски интерес, кои не смеат да се сведат на партиски поени, освоени со надгласување. Во грлото ми остана грутка на јад, болка и бес. Ми се наметна помислата дека додека во цивилизираниот свет за сé има граници и правила, во нашава многу често во кутра Македонија човековата глупост е безгранична и, за жал на поголем дел од сите нас заедно, главите ни служат само за потстрижување. Си го поставив прашањето и уште барам одговор – “Дали е грешката кај берберот кој непристојно потстрижува, или кај муштеријата кој без коментар ја плаќа цената на непристојното пострижување, и пак се враќа кај истиот бербер”.

Др.Јохан Ѓорѓиоски

советник во Совет на Прилеп

 

Loading