ПРАВНИТЕ СУБЈЕКТИ СО ПРЕДНОСТ ПРИ ЛЕГАЛИЗАЦИЈАТА

Бизнисмените со дивоизградени погони, магацински простори, дуќани и друго да ја искористат шансата на столетието и да поднесат барање за легализација до 3 септември, апелира локалната самоуправа. Бизнисмените бараат нивната легализација да биде приоритетна пред куќите и станбените објекти од физичките лица. Управниот одбор на Регионалната стопанска комора во проширен состав одржа седница, на која стручните служби на локалната власт соопштија детали околу легализацијата и постапката на поднесување на документите. Единствено што треба да направи бизнис секторот кој уште има нелегален имот е да достави барање за легализација, кое ќе има приоритет при обработката – вели градоначалникот Марјан Ристески. Регионалната стопанска комора им стои на располагање на бизнисмените да им помогне во процесот. За одредени поединости при постапката и конкретни прашања од стопанствениците, ќе изготвиме барање кое ќе го испратиме и до Министерството за транспорт и врски – вели Ристо Најдоски, извршен директор на Регионалната стопанска комора. Во градов има значителен број диви стопански објекти, установи и институции. Две – три фирми веќе ги легализираа објектите.

Loading