Дневно над 300 барања за легализација на дивоградби

Околу седум илјади граѓани поднесле барање за легализација на дивоградбите, а од локалната самоуправа проценуваат дека до 3 септември ќе бидат поднесени над осум илјади барања. Досега решени се 350 барања и внесени во имотен лист. Бројот на дивите градби е над 8000 станбени, колективни, индустриски, стопански, деловни, помошни прстории, гаражи и други објекти. Последниве денови се процесуираат над 300 барања, а во наредниот период ќе се зголеми динамиката. Надоместот за утврдување на правниот статус на дивите објекти е едно евро внатрешна површина, за колективни станбени објекти од 15 до 30 евра, во зависност од зоната, за деловните објекти од 30 до 45 евра во зависност од зоната и за индустриските и стопански објекти е две евра. Надоместоците се согласно Законот за комунални такси и Програмата за комунално уредување на Општина Прилеп за 2011 година – информира Кате Китанов, портпарол на ЛС. Локалните власти се задоволни од одзивот на граѓаните. Тоа се должи на организираноста на Секторот за урбанизам. Во интерес на граѓаните, службите за прием на документи за легализација во едношалтерскиот систем до 3 септември ќе работат двократно од 8 до 21 часот и за викендите. Послаб одзив има во населбата Тризла и во селата. Следната недела се организира масовно информирање преку НВО и ромските организации во Тризла како и преку урбаните и месните заедници во населените места.

Процедура

Процесот на легализација ќе тече шест години. До трети септември само се евидентира барање, односно граѓаните поднесуваат барање, а конечното добивање на решението за правниот статус не е брзо и едноставно. Процедурата тече во следните етапи:

– Евиденција на барањата со платена сметка за струја или вода од пред 3 март 2011 година и копија од лична карта и пополнување на барање со податоци за објектот, за кој бара легализација

– Проверка на комплетноста на барањата

– Комисиски увид на лице место со записник и фотографирање на објектите

– Проверка на сопственоста на објектот и земјиштето согласно имотниот лист од имотно – правен аспект

– Проверка на поставеноста на објектот во урбанистичката документација

– Доколку е сé во ред, барателот ја уплаќа потребната сума за легализација на објектот и добива решение за утврдување на правен статус

– По правосилноста, решението се носи во Државниот катастар каде бесправниот објект се внесува во имотен лист и добива лигитимност.

НАДОМЕСТ ЗА УТВРДУВАЊЕ НА ПРАВЕН СТАТУС

– За станбени и помошни објекти 1 евро внатрешна површина согласно катастарскиот елаборат

– За колективни станбени објекти од 15 до 30 евра во зависност од зоната

– За деловни објекти од 30 до 45 евра во зависност од зоната

– За индустриски и стопански објекти – 2 евра

Надоместоците се согласно Законот за комунални такси и Програмата за комунално уредување на Општина Прилеп за 2011 година.

Loading