ПОТРЕБЕН Е КВАЛИТЕТЕН МАТЕРИЈАЛ

Чавле Ела Трејд

Дрвени настрешници, скали, маси, столици се дел до готовите производи покрај полупроизводите за градење

Дрвени квалитетни куќарки кои се хит на пазарот во светот и имаат модерен изглед, се произведуваат во нашиот град. Пиланата која го има изработено првиот прототип на дрвената куќарка очекува голем интерес во иднина. Од пред три години на чело на пиланата што го носи називот Чавле Ела Трејд, лоцирана во близина на прилепската пиварница, е Златко Чавлески. Татко му Миле ја основал фирмата во 1974 година. Првин биле кај Багеска ограда, потоа се префрлиле под Паркот на револуцијата. Откако ја смениле машината – гатерот, која татко му сам ја направил пред десетина години и започнале да ја користат машината Ла Брента, која е посовремена и помодерна, во многу им се зголемил обемот на работа. Има работа, но предуслов е добар и квалитетен репроматеријал. Потешко оди со набавка на квалитетни суровини. Нема квалитетен материјал од шумските стопанства. Кога се изработува од квалитет, и производот е подруг. За дел од куќарките, на пример, купив материјал од Украина – вели Златко Чавлески. Нема материјал за добра изработка, а планира проширувања. Гледа иднина и добар бизнис во изработката на дрвените куќички, кои со квалитетен материјал, може да се вклопат во добар проект кој ќе ангажира нови вработувања. За куќарка од 60 м2, во зависност од материјалот, се постигнува цена од 200 евра, па и помалку. Увезените дрвени куќички се далеку поскапи и цената им е над 300 евра – објаснува Чавлески. Познати се по изработката на дрвени настрешници, летниковци, како што е на паркот на револуцијата, во паркот кај судот. Нивно дело се и клупите на Вештачкото езеро. Дрвените жардињери со украсни растенија кај споменикот кај Карпалак кај кружниот тек, се креација на Чавле Ела Трејд. Изработуваат и масички, столици, креветчиња, ламперија кои можат да бидат полукружно обработени. Изработиле околу 50 маси и клупи на островчето во Свети Наум, како и клупи за Битола. Внимаваат на честа и одговорно се однесуваат кон муштериите. На плацот за продажба имаат и граѓа од бор и ела, односно полупроизводи, греди и чатми за куќи. Станува збор за фамилијарен бизнис во кој е вклучен и зет му Делчо Велески. Чавлески по 24 години работен стаж ја напуштил работата во Македонски пошти за да се впушти во приватниот бизнис. Има ризици. Не се сигурни и увозите. На пример, од три шлепери од Босна, се погодија два да бидат трули и тоа е автоматска загуба. Има ризик бизнисот, доколку нема материјал овде да се избере – објаснува Чавлески. Опстојуваат со десеттина работници. Вели дека не е проблем машинскиот парк, туку потребни се подобри репроматеријали, и добра реклама. Недостасува сушилница за бичениот материјал. Засега користам во Битола. На пазарот извадов убаво душеме, кое е поквалитетно од ламинатот и има не само лик, туку и трајност. Пробав и со дограма, но тешко одеше, бидејќи нема квалитетни мајстори – објаснува Чавлески. Располагаат и со машини за изработка на бродски под со различни ширини и дебелини.

Loading