ХРАБРО ВО КАВАДАРЦИ

Победа јуниор

Стартува Втората лига, а в недела е гостувањето на дебитантот Победа јуниор кај Тиквеш во Кавадарци. Момчињата на Кире Овезоски се желни за докажување во квалитетниот ранг. Според пријателската таму и ремито 2-2, можеме да се носиме со домаќинот. Имаме самодоверба. Ривалот е поискусен, на свој терен, но не се предаваме, одиме со отворена игра – најавува Овезоски. За подобра подготовка беа одиграни осум пријателски, а билансот е добар: четири победи (Питу Гули 7-2, Треска 3-2, Пелистер 4-3, Новаци 3-2), две реми (Влазрими 2-2, Тиквеш 2-2) и два пораза (Пелистер 0-2, Напредок 0-3). Во тимот се новите од 11 Октомври Стевче Иваноски, Златко Карески и Дино Гиноски, а со двојна од Беласица и голманот Стефан Истатов. Располагаме со 24 играчи. Се опоравија повредените Давид Ристески и Даниел Котески. Целта е достојно претставување. Нема брзање, полека градиме тим за повисоки амбиции – порачува Овезоски. Победа јуниор лани немаше ниеден пораз во Третата лига.

Loading