ТРИ БОДА ЗА ПЕХАР

Фудбал: В недела (17 ч.) круна на сезоната, 11 Октомври ≠ Влазними

Победата носи прво место и трофеј

Второлигашки финиш како што се посакуваше. Во последното коло, в недела (17 ч.), на стадионот “Гоце Делчев”, 11 Октомври го чека струшки Влазними. Со евентуална победа се обезбедува првото место на табелата, со оглед на предноста од бод пред вториот Охрид 2004. Тимот на Николче Здравески има 51, Охрид 2004 е со 50, Тиквеш собра 48, а Миравци 43 бода. Иако е извесна победата, преку фаворитската улога на 11 Октомври, мечот ќе биде историски, оти пехарот од ФФМ ќе биде во рацете на капитенот Дејан Кулески. Сите играчи ветуваат максимум, не само резултат, туку допадлива игра на рамниот, како Вембли, зелен тепих. Најавен е врв, круна на сезоната. Ќе се атакува на 16 -тата победа. Екипата има шест нерешени и четири пораза. Два беа со аутсајдерите Охрид лоте и Влазерими. Претрпени во последните кола, кога се веќе беше решено. Стручниот штаб во отсуство на исклучениот Данилов и повредениот Мегленски, ги одмараше стандардните и им даде шанса на помладите. На голот се врати Кебакоски, а играа уште Спиркоски, Иваноски, Милошески, Бошкоски, Крстески, Дунимаглоски, Гиноски, И. Јанкоски. Погледот е кон голгетерот Мојсовски. Тој има шанси за второ место на листата од стрелците со 12 гола, колку Атај од Влазними. Стружанецот, поради црвен картон нема да игра, а Мојсовски со гол в недела е веднаш зад И. Клечкароски од Охрид 2004. Победа, голови, три бода и пехар се доволни причини за полна трибина навивачи кои ќе го поздрават успехот на 11 Октомври.

Влазними осми пат во Прилеп

Струшкиот тим сезонава осмипат игра во Прилеп, поради издржување на казната од 12 меча. Ако во Новаци и Боговиње не му одеше ≠ двапати загуби од Дрита и Тиквеш, под Маркови кули постигна четири победи. Паднаа Еуромилк, Охрид лоте, Влазерими и Цементарница.

Нови награди

По Петар Јончески и Марија Лазаревиќ, уште двајца навивачи на 11 Октомври ќе добијат награди до крајот на првенството. Следниот е заокружен на фотографијата, на мечот со Ринија. Треба да се јави до среда, во редакцијата на “Зенит”. Четвртиот гледач ќе биде “уловен со објективот задутре, со Влазними. Од ФК 11 Октомври и спонзорот “Елит кафе” подготвени се пакет награди кафе со чаша и убав чадор.

Loading