СЕ ГОТВИ МЕГА МАКЕДОНСКО – ГРЧКИ ЗЕМЈОДЕЛСКИ БИЗНИС

Дел од бизнис заедниците од Прилеп, Битола, Скопје учествуваа на промоцијата на проектот “Агро – полис – нови технологии, знаења и зголемен извоз од земјоделството на Западен Балкан” во регионот Иматија кај градот Верија, во Грција. Партнери се регионалните комори на Прилеп, Битола, Скопје, Серес, коморите на Србија и Австрија, од Солун – Факултетот за информатика и математика и Институтот за земјоделското истражување и Институтот за надворешна трговија на Израел. Четриесетчлена македонска делегација се сретна со деловни луѓе на грчките компании во Вериа на бизнис форум. Домаќините, со членство од околу десет илјади фирми, го презентираа проектот за унапредување и обединување на регионална аграрна понуда и унапредување на извозните можности, поголема, поквалитетна и на нови основи воспоставена соработка на земјите од Западен Балкан, базирана на примена на нови технологии и знаења, воспоставување на заедничко производство и на тој начин доближување до ЕУ. Всушност, иницијативата треба да е прозорец на регионот за зголемен пласман на земјоделски и други производи кон земјите од Југоисточна Европа, Северна Африка и Блискиот Исток. Проектот има тенденција да го зголеми извозот на земјоделски производи од регионот на Западен Балкан со поголемо заедничко користење средства од европските фондови, предвидени за развој на земјоделството. Усулџоглу Николаос, претседател на Стопанската комора на Иматија, порача дека се добродојдени сите идеи на деловните луѓе за поголемо меѓусебно бизнис – поврзување и одржлив раст на производството во агрокомплексот, што е компаративна предност на целиот регион и негова шанса во услови на криза и проблеми со производството на храна во светот. Во македонската бизнис-делегација беа и преставници од Стопанска банка од Скопје и филијалата од Прилеп, кои истакнаа дека се подготвени да дадат финансиска поддршка на сите одржливи договори меѓу компаниите од двете земји. Иматија, во која по својата големина се издвојуваат градовите Вериа, Ноуса и Александриа, е регион во кој 65 отсто доминираат плодни земјоделски површини и од кој секоја година се извезуваат 100 милиони тони земјоделски производи. Во 2010 година, Грција е наш втор трговски партнер во размената со светот. На средбата присуствуваа и генералниот конзул на Република Македонија во Солун, Тони Димитровски и трговскиот советник на Канцаларијата за врски на Република Грција во Македонија, Мезериду Фаува.

Loading