ПЕТ КОЛА ЗА ПРВОЛИГАШКА ПРОМОЦИЈА

Фудбал: 11 Октомври предвреме ја завршува задачата

Младите го шират играчкиот фонд

Осум пролетни второлигашки кола беа доволни за 11 Октомври да ја заврши започнатата задача од есеноска, пласманот во Прва лига. Се случи само еден, незаслужен пораз во Струмица од Беласица (1-0), а по стартното реми во Миравци (0-0) наредени се победите, дома над Цементарница (5-1), Локомотива (5-2), Тиквеш (2-1), а на гости кај Еуромилк (0-2), Охрид 2004 (1-2) и последната над Дрита (1-2). На сите шест мечеви каде стрелците беа расположени, следуваше триумф. Стручниот штаб со Николче Здравески акцент стави на ефикасноста, оти е клуч за успех. Голови даваа Мојсовски пет, Гешоски четири, Димитровски три, Мегленски и Ацески по два, И. Мирчески и Рутески по еден. Вредни се последните три бода од Боговиње над Дрита (1-2). Тееренот таму се смета за “жежок”, со оглед на единствениот пораз на домаќинот до неделата, од Локомотива. По примениот гол, офанзивата во вториот дел го сврти резултатот на 1-2, со головите на Димитровски и Гешоски. На табелата, 11 Октомври е прв со 47, пред Охрид 2004 со 45, заостануваат Тиквеш со 38, Миравци со 37, Риниа со 34 и Беласица со 33 бода. Двете најдобри одат во највисокиот ранг. Се привршува работата три недели пред крајот. 11 Октомври рутински е до целта. Останатите пет меча се прволигашка промоција. Се гостува кај Охрид лоте и Влазерими, а домаќин е на Новаци, Риниа и Влазними. Ќе се игра за публика, за навивачко уживање. Потребни се уште две победи да нема ни математички дилеми. В недела (16, 30 часот) гостува соседскиот ривал, Новаци. Се бори за опстанок и доаѓа на се или ништо. Новачани не се за потценување, имаат подобар состав отколку што кажува табелата. Тимовите се познаваат и оттука претстои неисвеснен, тежок меч. 11 Октомври најавува проширување на играчкиот фонд. Шанса ќе добијат играчите без минутажа, помладите, како Здравески, Крстески и уште неколкумина од младинскиот погон.

Пионерите пред финале

Пионерската екипа на 11 Октомври, по турнирот во Грција, каде е победен домаќинот Катерини (2-3), силите ги насочува в среда на полуфинален куп реванш со Ренова во Тетово. Се патува со предност од 3-1. Имаме добар тим. Одиме на игра за финале – смета Борче Ангелески – Влашето, тренерот. Кадетите веќе се во финале, со елиминација на Милано.

Пак награда за најсреќен гледач

В недела на стадионот “Гоце Делчев” е соседската пресметка со Новаци и се очекуваат многу гледачи, како на дербито со Тиквеш. Управата на 11 Октомври со спонзорите вторпат приготвува награда за најсреќниот гледач, кој ќе биде “фатен” од објективот и заокружен на сликата наредниот број на “Зенит”. Првиот среќник беше Петар Јончески (11) кој доби чадор и пакет прехранбени производи од Витаминка.

Loading