ПАНЧЕВ СО ПРИЛЕПЧАНЕЦ ВО ЈНА

Историја

Ѓоре Петрески, вработен во “Црн Бор” цел живот ќе се сеќава до детали од пет – шест месеци минати во ЈНА, во Ниш, а причина е што војнички другар му бил фудбалската легенда, Дарко Панчев. Настаните се од септември 1988 до февруари 1989. Бевме во иста, тенковска единица и соба. Со оглед на популарноста, на сите ни беше чест да се дружиме со него. Тој имаше потпис за Звезда, но немаше играно. Со душа чекаше да го облече дресот. Постојано велеше “ќе дадам 30 гола сезонава”, а постигна 34 и ја зеде златната копачка – вели Петрески. Како и секоја фудбалска ѕвезда, Панчев не бил војник за пример. Наутро никогаш не одел на постројување, ниту чекал за појадок, ручек или вечера. Готвачите јадењето му го носеле в соба. Шкафот бил преполн со продукти. Имал дозвола да тренира секој ден, излегувал во петок, сабота и недела. Дојде директорот Драган Џаиќ, барајќи да го носи да гледаат натпревар во Белград, но офицерите не дозволија, оти имале забелешки на однесувањето. Панчев беше прекрасен човек. Јадењето го делеше со сите. Во недела ни носеше скара. Пееше и свиреше на гитара. Не се разделивме со збогување, оти го префрлија во Пула, додека бев во болница со скршена нога од мал фудбал, играјќи со него – раскажува Петрески.

Loading