СЛИКИ И ЦРТЕЖИ ОД БИЉАНА КАЈЕВИЌ

Во ЦК”Марко Цепенков”

Изложба на 20 слики и цртежи од уметницата Биљана Кајевиќ од Скопје, ќе биде отворена вечерва во 19 часот во галеријата од ЦК “Марко Цепенков”. Според Дејан Буѓевац, ликовен критичар, делата на уметницата, се работени со смирен интимистички темперамент. Биљана има нешто од таканареченото романтично доживување на убавото, од меланхолијата како извесна состојба на некогашната посакувана духовност. Изразува ликови со деперсонализирана убавина, заводливост, која не се однесува на никого, свесност за убавина, која можеби повеќе се потпира на една иронизирана дистанца. Човечкиот лик за авторката претставува базична и комплексна форма – посочува Буѓевац. Кајевиќ е академец од ФЛУ во Скопје во класата на професор Рубенс Корубин. Работела на дизајн на поштенски марки и разгледници, на илустрации за едукативни детски книги, на дизајн на логоа, на промотивни и музички ЦД, на внатрешен дизајн на ентериери… Уметничката креативност ја изразува и преку фотографија.

Loading