БИСЕРНИ ЗАБИ И ПЕСНА

Методија Зероски – Теди: дење стоматолог, навечер музичар

Групата “Теди и Рубин плус бенд” свират по “коктели”, кафитерии и свадби

Заболекар – миленик на младите

На возраст од 43 години Методија Зероски е стоматолог осум години. Умешен е за стоматолошки интервенции дење, а ноќе под светлото на кафериите и рестораните, го демонстрира раскошниот музички талент во свирката на синтисајзерот. Работи турбо, со малку време за одмор. Омилен е кај пациентите, оти го познаваат и од локалите како врвен забавувач и надарен соло пејач.

Музиката – мелем

Дејана, медицинската сестра, вели дека докторот со децата има посебен пристап. Тие не се плашат да поправат или извадат запче. Не прашавме дали потоа го земаат да го фрлат на покривот. Но следењето на современите текови, добрите услови, културниот и професионален однос, познавањето од разни области на стоматологијата веројатно се причина за “детскиот” метеж кај доктор Зероски. Харизмата и вечерните свирки со групата “Теди и Рубин”, чиј водач е Методија, во кафитерии, ресторани, свадби, придонесуваат за дружељубивост на младите со заболекарот од последните ЈУ- генерации. Музиката е како лек. Со неа сум 20 години. И професионално, и од задоволство. Прво работев за заработка, а сега од хоби. Музиката, свирките нé прошетаа низ Македонија, Грција, Бугарија, Словенија, Србија … Специјалност ми се клавијатурите – синтисајзер и пеењето. Се што е во тренд, пеам и свирам. Од поп рок до добра народна музика. Хитовите, евергрините, ретро македонска музика се барани на коктелите, на отворени свирки, при доделување на награди. “Девојко зрело јаболко”, “На два два три”… и ред други сé уште предизвикуваат овации кај младите. Не свириме хеви метал, тежок џез, турбо фолк и рап, односно хип хоп музика – кажува Зероски.

Живи свирки

Двајцата членови на групата се “размножиле” во четворица и сега биле “Теди и Рубин плуз бенд”. Живите свирки во градов беа наш препознатлив знак. Со Рубин бевме првите во 1996 година кои го скршивме мразот и најавивме ера на модерно пеење во живо по кафетериите. Го доживеавме фестивалот “Макфест” преку авторската песна “Патник” во 1998 година. Потоа ги запоставивме фестивалите поради другите ангажмани. Има доволно манифестации за докажување на музичари – забележува Теди. Докторот кој дипломирал и специјализирал за ортодонт во Скопје на Стоматолошки факултет, а се усовршил и за национален медицински едукатор има две ќерки со талент за свирење, пеење и танцување. Ангела има десет, а Теодора 14 години. Двете се ученички во музичкото училиште и учествувале на многу фестивали, а сега се пробуваат на полето на танцот. Фамилијата ретко ме следи на свирките, зашто и сопругата е лекар и работи напорно. Дружењата со пријателите се во кафана – кажува Методија Зероски – Теди.

Естетика во стоматологијата

Од 2008 година е сертифициран тренер на швајцарска фирма за вадење и умртвување на живци од заб. Актуелни се услугите од естетската стоматологија. Вклучуваме и изработка на квалитетени композитни пломби и безметална керамика, ортодонција и фиксни и мобилни протези и субспецијалистичка обработка на каналниот систем. За хирушки интеревенции има посебна екипа. Важно е да се зачува се што може да се надгради. Се мисли и на коренот – вели заболекарот и препорачува контрола на устата и забите секои шест месеци, за зачувување на забите. Правилна хигиена од најрана возраст, квалитетни пасти, четки, конец за заби, да не интервенираме со отстранување на распаднат заб. Добро сме опремени ги следиме сите трендови во опрема и технологија со новитетите во однос на стоматологијата – дообјасни докторот Зероски.

Loading