КОЈ ТЕ ШИША

Ете, се случи и такво нешто! И во други пригоди сме споменале дека во Парламентот, коректен македонски јазик практикуваат само некои од албанските пратеници. Еве, сега се случи, министер (Албанец по националност) да направи забелешка дека во текстот што го добил (на македонски јазик) имало, покрај печатните и многу јазични грешки. Но, нашиве народни претставници (Македонци по националност) ниту се засрамија, ниту се возбудија поради тоа. Дури и еден постар и долгогодишен пратеник и неуморен борец за Македонија тоа го прокоментира на свој начин. Рече дека ако имало грешки, тие можат да се поправат, а дека во случајов треба да се обрне внимание на суштината во напишаниот текст. И уште некои од пратениците, приближно на ваков начин, го прокоментираа тоа.

Имаат право нашите избраници, нашите прекалени борци за јазикот и за идентитетот! Јазикот не спаѓа во суштинските проблеми. Ние, пак ќе си го викаме македонски. Ние, пак ќе се бориме за него. Ќе си го сакаме, па каков и да е, наш е!

И почна расправата (расправијата) во Парламентот. Кавги, викотници! Еден зборува, други му упаѓаат во зборот. Трет, интервенира и вели – “Немојте да го ОМЕТАТЕ колегата”! Во надвикувањето, некој прави забелешка дека некој предмет многу КОШТАЛ. А зошто да не се каже дека тој предмет е многу СКАП, многу ЧИНИ, многу ВРЕДИ?! Зар уште не сфативме дека зборот КОШТА не е наш и не треба да го употребуваме.

“Немојте да го ОМЕТАТЕ”! Зар не е нормално да се рече – “Немојте да му пречите”? Сигурно дека има и други зборови и изрази во македонскиот јазик, но таков збор – ОМЕТАТЕ, не постои. Но ете, во Собранието честопати го слушаме.

Почитуваниот и ценет пратеник рече дека грешките можат да се поправат. Но, драги господине, тешко се поправаат. Како и на многу други седници, така и на оваа, безбројпати го слушнавме зборот ВРЕЃА. Слушаме дека некој некого ВРЕЃА, дека не треба да се ВРЕЃАМЕ! Безброј пати слушаме да се вели – “МОЛИМ ТЕ”! Кога некој нешто не разбира па препрашува за да разбере и вели – “МОЛИМ’! Срамота е да не знаеме дека македонскиот глагол гласи МОЛАМ, а не МОЛИМ, па според тоа – ТЕ МОЛАМ, а не МОЛИМ ТЕ. Македонската именка е НАВРЕДА, а глаголот е НАВРЕДУВА. Некој некого НАВРЕДУВА, а не ВРЕЃА.

“Нема потреба сега да РАЗГЛАБАМЕ”. Чувме и еден таков израз. РАЗГЛАБАМ! Буквално ако се преведе тој српски збор на македонски би гласел РАЗГЛОБУВАМ. РАЗГЛОБУВАМ нешто. Некој нешто РАЗГЛОБУВА. Да речеме дека некој ја РАЗГЛОБИЛ машината. Дека некој одделил нешто на составни делови. Дека некој некое цело го РАЗДЕЛИЛ, го РАСПАРЧИЛ. Има повеќе варијанти, но РАЗГЛАБА, не може да стои во нашиот јазик.

Исто така, слушаме во нашето Собрание некој да рече дека не треба да се ЗАМАРАМЕ со тој и тој проблем. Нашиот глагол е ЗАМОРУВА, ЗАМОРУВА (се). Да не се ЗАМОРУВА. Да не се ЗАМОРУВАМ, да не се ОПТОВАРУВАМ со тој и тој проблем. Ако некој човек подолго време се ЗАМОРУВАЛ, станува ЗАМОРЕН. А ако тргнеме по патот на тој глагол ЗАМАРАМЕ (се), придавката ќе биде ЗАМАРЕН, а не ЗАМОРЕН. Што не бидува, не бидува.

И безброј, безброј други грешки. Господин пратеник, не само што не се поправаат грешките, туку се множат. А вие, петпари не давате. За вас тоа не е суштински проблем.

Уф! Додека го пишуваме ова, на една од телевизиите се емитува емисија со наслов – “КОЈ ТЕ ШИША”! Оваа грешка можеби ќе има шанса да се поправи тогаш, кога ќе ни испадне косата.

Благоја Ивчески

Loading