КОМЕДИЈА ЗА ПУБЛИКА

Утревечер премиера на “Маратонците го трчаат почесниот круг”

Утревечер од 19.30 часот во театар премиерно ќе биде прикажана претставата “Маратонците го трчаат почесниот круг” од Душан Ковачевиќ, во режија на Кирил Петрески. Текстот е актуелен иако е стар 40 години. “Маратонците…” е “црна” комедија, бидејќи текстот не загубил од актуелност. Забавна претстава за уживање. Ќе се прави споредба со филмот. Но, приказната е различна и по сценарио и драмски текст. Фамилијата Топаловиќ со провинциски менталитет, хиерархиски поставена има шест генерации. Претставата е слика за затвореноста на човекот, за семејната, традиционалната изолација, која изгледа како заробен вагон на мртов колосек. Не се заборавени, индирекно и актуелните општествени моменти. Тоа е трагикомедија, со сериозни теми, настани кои се потресни, трагични. Сé се врти околу ликот на Мирко, еден млад човек којшто сосила го тераат да влезе во бизнисот на фамилијата. Човек кој има авантуристички дух, кој сака истражувања и е заљубен во Христина. На крајот доживува комплетна трансформација. Нема бегање – вели режисерот Петрески. Актуелноста на текстот е повод првпат да го постави Петрески. Тој режираше “Фарса за храбриот Науме”, “Уште еднаш за по пат”, “Роберто Зуко”, “Духот на слободата”, “Четвртата сестра”, “Сатирикон”, “Госпоѓица Јулија”, “Малиот принц”… За актерите претставата е нов предизвик. Малку актери сме, ама се изразуваме индивидуално. Ми лежи ликот на Мирко. Тој единствено се трансформира. Се надевам дека успеав да го доловам во вистинско светло – вели актерот Димитар Црцороски.

Играат Петар Димоски, Димко Вандески, Трајче Иваноски, Најдо Тодески, Димитар Црцороски, Марија Спиркоска -Илијеска, Димитар Ѓорѓиевски, Зоран Иваноски и Цветанка Чавлеска. Сценографијата е избор на Кирил Петрески, костимите од фундусот на театарот, додека автор на музиката е Гоце Кантарџиоски.

Loading