МАРАТОНЦИ В СНЕГ

Фудбал: Засилени прволигашки подготовки на 11 Октомври

Тренерот Здравески работи со 25 првотимци

Зголемен интензитетот на зимските подготовки во фудбалскиот второлигаш 11 Октомври. По една недела воведни, од понеделникот следат 10 дена тешки, кондициски тренинзи. Наутро се користи помошното игралиште Спортски центар “Маркови кули”. Попладне пак тука или во фитнес сала. Се истрчуваат планираните должини во снегот. Фудбалерите вртат кругови во две групи, нема фаќање кривини пред тренерот Николче Здравески со асистентите Рубин Трајкоски и Круме Митрикески. Одвреме – навреме “грми” гласот на стратегот. Ајде побрзо, побрзо. Трчај, не заостанувај со голманите! Фудбалерите се како маратонци, совладуваат километри. Фудбалот не е како малите, аматерски или рекреативни, туку професионален спорт. Во 11 Октомври работат прволигашки. Не дозволуваме лабавост, опуштање. Целта е само прва лига и мора повисоко ниво – порачува Здравески. Играчите тешко се препознаваат кој е кој. Опремени се како скијачи од глава до петици, со капи, тренерки, ветровки, заштитени од ветрот и крупните снегулки кои паѓаат. Студено е. Неколкумина настинаа. Кратко отсутни се Филип Мирчески, Владо Данилов и Влатко Петрески. Очекуваме приклучок и комплетирање – вели тренерот. Во строј е звучното засилување Тони Мегленски, повратник од странство. Тренираат и сите кои го понесоа есенскиот товар, стасувајќи до третото место на табелата. Во тимот се искусни фудбалери, како Дејан Кулески, Благоја Гешоски, Драган Димитровски, кои одработувале во повеќе клубови вакви тешки тренинзи и нема сомневање дека ќе издржат како треба. После е воигрувањето. Предвидени се седум – осум пријателски – потенцира Николче Здравески. Меѓу најголемите конкуренции е голманската. Четворица, Пеце Коруновски, Дејан Кебакоски, Александар Игески и Христијан Сркески се борат за место меѓу стативите во 11 Октомври.

Дунимаглоски во Крагуевац

Играчот од средниот ред на 11 Октомври, Стојанче Дунимаглоски (19), е на проба во српскиот второлигаш Раднички Крагуевац. Таму е од саботата, меѓу десетина кандидати. Тимот е второпласиран, со изгледни шанси за влез во елитното друштво. Во клубот од Крагуевац, Дунимаглоски е претставен како талентиран фудбалер на позиција последен за врска. Србите биле информирани за неговите прволигашки настапи пролетоска во Победа и второлигашките есеноска во 11 Октомври. Последните позитивни впечатоци се од играта во аматерската репрезентација на Македонија на квалификациите и двата теста со Србија.

Loading