Возбидено не примија учениците од 1 – в одделение, кај учителката Соња Ристеска, во ОУ “Кочо Рацин” и уште поинвентивно одговараа на прашањето “што е новинар”. За Теона новинарот фотографира. Мартин мисли дека работи во весниците. Ученици велат дека прилепски весници се Време и Шпиц, зашто ги купуваат родителите. Учителката Соња им помогна. Зенит е прилепски весник, во кој има страничка за децата – кажа учителката, ослободувајќи ги во разговорот. Ивана и Анастасија се радуваат на есента. Велат дека е златна, со жолти ливчиња и жолт килим. Исидора мисли дека есента е тажна. Таа е дождлива. Треба да се носи мантилче за дожд, зашто застудува. Си носам палтенце – рече Исидора. Сите не мислат исто. Во есен се нишаат ливчињата и дрвјата. Подувнува и ветре Северко и најавува дека брзо, брзо ќе дојде зимата – кажува Елена. Подготвивме зимница од црвените пиперки. Направивме лутица и ајвар.
Им помагавме на мајка ми и баба ми – велат Михаил, Никола, Тамара со соучениците. Со првачињата разговараме за есенските зеленчукови и овошни градини. Ангел, Теона и Дино велат дека есента е богато годишно време. На пазарот има зеленчук и овошје, посебно јаболка. Со дедо бев на пазар. Имаше пиперки, зелки, краставичиња – велат Марко и Давид. Антонио и Антониа уживаат грицкајќи моркови, домати, ставени во супа и салати, да руменат обравчиња. Стефани сака зелка со витамин Ц, оти е здрава храна. Давид Стојкоски се фали. Со дедо ми радосно берев гроздови тешки зрели, грозјето да се всели во бочвата – објасни Давид. Децата знаат. Есента е родна, а првачињата се побогати со сочно здравје и со есенски училишни доживувања.