ВИНСКА “РОЛ – РЕШКА”

Од косо видено

Штотуку започна учебната година, а веќе е забележан првиот ученички “бисер”. Се тркала низ прилепските ридови, китејќи го тековниот гроздобер. Ја отвораме неговата школка. “Татко ми вели дека алкохолот го движи светот. Секој кој пие чај, млеко или боза, всушност, не пие. Вистинскиот пијалок е силното вино, а татко ми е силен. Лекарот го советуваше да го намали пиењето и да внимава на желудникот. Нему тоа му е лесно, бидејќи стомакот секогаш му е пред очите. Мојот учител, пак не пие. Вели дека алкохолот е отров што бавно дејствува, но на татко ми никаде не му се брза. На телевизија велат-ако пиеш, тогаш не вози. Но, татко ми тврди дека таа парола секого ќе го направи пијаница. Тој не ги троши сите пари за алкохол, бидејќи со дел од нив плаќа казни.” Ученикот сé уште не ја учел лекцијата дека виното не е само алкохол. Тоа може да биде огледало на душата и пријател на вистината. Според латинската поговорка, “во виното е вистината”, виното го отпетлува јазикот, пијаната глава не лаже, она што трезниот го мисли – пијаниот го кажува. Затоа, да не се разводнува вистината. Во краен случај, ако вистината е во виното, тогаш не е лош и шприцерот. Уште повеќе што е близок до друга латинска, “Трезвена опојност на виното”. Примерно испиеното вино закрепнува, но не измамува; развеселува, но не расоблекува, опива, но не опијанува. Своевидна винска “рол-решка” чиј избор паѓа на устата од нашата лична одговорност. Бидејќи, усните и рабовите од чашата се два вински гребени, кои доживуваат бродолом и највештите винопловци. Лекарите ја поедноставуваат со изборот “да се пие или не” заради здравјето. Винскиот “рол”, добрата страна од паричката “умерено пиење”, има своја здрава конфигурација. Меѓудругото, винската капка е негувателка на здравото срце. Го зголемува нивото на “добриот” холестерол, намалувајќи го виновникот за инфарктот-”лошиот” холестерол. Со алкохолот и полифенолот ги разградува крвните згрутчувања. Крвните плочки потешко се слепуваат со што се спречува тромбозата и емболијата. Испиените две-три чаши црвено вино дневно, на постарите луѓе им помага во спречувањето на реумата, туморите, шеќерната и Алцхајмеровата болест. Винската “решка”, лошата страна на паричката, “неумерено пиење”, е опишана со поговорката. “Некои толку пијаат за здравје на другите, така што го губат своето”. Дијалектиката е проклето едноставна, “Прво пиеме вино, потоа виното пие вино и најпосле виното нé пие нас”. Притоа, некои пијат да го заборават она што ги натажило, па забораваат да не пијаат. Тагата не се дави во виното. Таа во него научува да плива. На крлачот од винската “рол-решка” некои повремено пијаат од радост… хик, некои од тага… хик, а незаситните од бочва… хик, хик! И мораат да бидат итри. Во едно село се подготвувала голема прослава и секој требало да донесе по едно шише вино и да го истури во огромната бочва. Секој од селаните лукаво помислил: “Ако наместо вино од мојата бочва истурам шише вода во толкава бочва, никој тоа нема да го забележи”. Кога прославата требало да се залие со вино, од бочвата посрамено истекла вода. Биле стресно изненадени. Каснале грозје. Тоа, според фитотерапевтите, е лек за душата кога имаме чувство дека другите манипулираат и сакааат да нé искористат. Што да се прави? Ете и животот, што е семожна игра, како да се тркала на крлачот “рол-решка”. Еден мој пријател беше пијан од љубов, а бракот му дојде како расолница, но, доцна. Некои, опијанети од среќа, не сакаат да се отрезнат. Сериозно ја сватиле старозаветната “рол-решка” мудрост, “Пиј вино, бидејќи не знаеш од каде си дошол. Живеј весело, бидејќи не знаеш каде одиш”?

Марјан Спиркоски  

Loading