ЖИТО ПРИЛЕП КОН ТИТУЛА ПРОТИВ ПОРАНЕШНИОТ ЏИН

Ракомет: В недела гостува Ѓ. Петров

В недела (18 ч.) во сала ”Македонија”, Жито Прилеп го чека Ѓ. Петров, во 1. коло од ракометната Супер лига за жени. Тимот на Жане Дисоска влегува во битка за висок пласман. Планот е скок од ланското четврто на второ место, но ако се даде шанса не е исклучен атак кон титулата. Засилен со голманот Наумоска, бековите Гичева, Петковска, Ацковска, пивотот Серафимовска и крилото Папуџиева, е фаворит веднаш до шампионот Металург. Одлично подготвени, одиме на три бода. За првенствен залет добро е да победиме – велат во Ж. Прилеп. За квалитетот придонесуваат и ”староседелките”. Срњакова и Шалевска се докажани голгетерки, Когој и Аџулеска се придружуваат, а Дукоска, Туцо, Петлеска и Сталеска се наметнуваат.

Меѓу стативите конкурираат Ангелеска и Дурланова. За разлика од пролетоска две постави рамноправно конкурираат. Товарот нема да падне само на неколку девојки, туку низ мечот ќе се менуваат и одмараат. Амбициозно влегуваме во пресметката со некогашниот ”џин”, кој 2002 беше европски првак. Името не не плаши, туку мотивира. Од сите првотимки бараме максимум – истакнуваат во Ж. Прилеп. Стаса убава опрема од италијанската марка ”Капа”. Во изборот се два комплета, жолт и црвен. Во нови дресови ќе почне новата сезона. Стартот е интересен за публиката, се очекуваат полни трибини. За масовна посета одредена е популарна цена на влезниците од 50 денари.

ПИОНЕРКИТЕ УСПЕШНИ

Екипата на Ж. Прилеп до 15 години, успешно настапи на меѓународниот турнир во Ресен. Загуби од фаворитите Дубровник и Зрењанин, а ги совлада Преспа и Бозаро. Освоено е третото место. Тренери на подмладокот се Менде Петлески и Горан Ангелески, а координатор – Рубин Седлоски.

Loading