ОТКРИВАЊЕ НА ДЕФЕКТИТЕ И ЗАШТЕДА

Далечинско читање на водомерите

На улицата “Радовишка” веќе се имплементира проектот за далечинско, односно радиско читање на водомери со кој најсовремено се следи потрошувачката на вода во домаќинствата и индустријата. За 10 секунди може да се изврши читање на 100-200 водомери со што ЈП “ВИК” добива вистинска слика за потрошувачката кај граѓаните и фирмите. Со овој начин, се добива прецизно отчитување на водомерите што беше слаба точка во работењето на ВИК. Вакви водомери се поставени неколку во Скопје, а јавното претпријатие искуството го црпи од Словенија. Доколку има непрекинато истекување на вода повеќе од 24 часа, односно течење на чешма или казанче, тогаш во ВИК се јавува аларм по кој нашите служби одат кај корисникот и го опоменуваат дека има некое истекување. Доколку нема потрошувачка повеќе од 24 часа, тогаш проверуваме дали водомерот е закочен и дали има други проблеми. Сега сите сметки ќе бидат со точните количини на вода која ја трошат граѓаните – вели Сашо Николоски, директор на ЈП “ВИК”.

Набавени се комбинирани водомери со примена на радиско читање за индустријата. Сите индустриски водомери ќе бидат заменети и ќе се овозможи читање на индустриските водомери без влегување во дворовите на фирмите и без да се пречи во работата. Ова е втор пилот проект за радиско читање на водомерите, по оној во Точила. Со ова ЈП многу побрзо и поефикасно ќе врши читање на водомерите, ефикасност и заштеда на средствата на корисниците – вели Марјан Ристески, градоначалник. По завршувањето на проектот од КФВ банката, ЈП “ВИК” во населбата Бончејца врши реконструкција на водоводната мрежа. По замената на цевките, ќе се изврши целосно асфалтирање на улиците “Тале Христов”, “Борка Стеваноски” и “Зеленик”. Ќе се реконструираат водоводните мрежи и на улиците “Ладе Лапецот” и “Златибор”.

Loading