АНГЕЛСКИ ГЛАС ЗА ПРЕЧИСТАТА – МАЈКА БОЖЈА

 

Човечкото раѓање е мистика. Поточиња од солзи, допреле до милоста Господова пред раѓањето на Синот божји, божествената Мајка – Богородица, која во себе ја носи Светлината на денот. Утре – 28 август, упокоена е родилката на Животот. Редици прилепчани ќе тргнат по каменитите козји патеки, кон манастирот Успение на Пресвета Богородица – Трескавец, кај Златоврв, да запалат свеќа за милост и здравје, да ја одржат вековната традиција да се поклонат на Мајката. Сржта на празникот е дека со смртта се победува и со смрт. Во православните храмови, манастирските цркви, грмат слугите Божји со глас до небесни височини, за неа, за нејзините солзи… нејзината љубов, тага, благочестивост, благородност. Се воспева нејзиниот живот. Духовното опстојување низ лавиринтите на вербата, на милоста, на радоста… носена од бранот на реката на животот – која тече, се менува, со збор, со мисла, со дело. И таа следејќи го Синот, била до народот, кроејќи сопствена легенда. Од тука, останале Славите “залебени” со мрсна или посна трпеза, сервирана во чест на некој празник, кој носи име на Светецот. А, и Мирко Митрески пееше: “Сам, не се јаде”. Послатко е да се почувствува како грлото се стега, навираат солзи во очите, при помисла за нитката меѓу Раѓањето и Смртта, за Животот и Радоста… Денес, отворени се портите за верниците, за љубопитните од секаде по верски објекти, по домови кои слават таква слава. На 21 септември е Мала Богородица. Глас допира до сé и секого, кога со песна секаква – литургиска, тажаленка, народна, новокомпонирана, се воспева Раѓањето на мајката Божја, Благата вест, Воведувањето на Пречиста Дева, за Покров и појас на Пресвета Богородица, Собир во нејзина чест, Успението, Благоречивиот дух…

Loading