АСЛИ СИНДИКАТ СО ЕВРОПА

Интервју со Лазар Ангелески, претседател на Регионалниот синдикален совет

Нужно е да се едуцираат членовите, да се оди од човек на човек за да се постигне синдикално организирање во приватниот сектор

Синдикатот нужно е да соработува со власта, впрочем тие се партнери

Ќе се дејствува превентивно особено кога се намалува плата, кога се кршат прописите за работно време…

 

Во услови кога македонското стопанство се уште ги чувствува последиците на светската економска криза и над голем број фирми виси неизвесноста за опстојувањето, синдикалното здружување е фундаменталната форма за остварување на работничките права како од работен однос, така и заштита од политичките притисоци и справување со мобингот на работното место особено кај приватните работодавачи. Веќе неколку месеци прв синдикалец меѓу прилепско – крушвските работници е Лазар Ангелески што е повод за разговор за жешките теми во работничката атмосфера.

Дали смената на врвот во прилепскиот синдикат и доаѓањето на Лазар Ангелески, на местото на Тони Јовески, ќе донесат поздрава заднина за работниците?

Тоа е оценка на тие што ја креираат кадровската политика. Сметале дека ќе има подобрување со смената. Синдикатот, иако нема некој углед во моментов, ќе мора постепено да го зазема местото што му припаѓа, да биде претставник и застапник на работниците. Факт е дека се намалуваат работничките права. Тоа донекаде е нормално со менување на системот. Со пропаѓањето на големите фирми, нормално е да се намали и членството. Тука е и синдикалниот плурализам. Но, и тие нови синдикати не покажуваат особен резултат на заштитата на правата на работниците. Се создава тренд на мислења дека со здружувањата на работниците, ќе има влијание на заштитата на работничките права. Моментно во земјава, за жал, не функционира, социјалниот дијалог, ниту трипартизмот, ниту колективното договарање како столб на односите меѓу трудот, капиталот и државата. Државата нема регулатива за овие прашања. Позитивно е што е потпишан колективниот договор за стопанството, односно поддржан, кој ги регулира основните односи меѓу работниците и работодавачите. Но новиот закон е поинаков од досега. Ако работниците преку синдикатот, успеат да потпишат добар договор по дејности, од тоа ќе зависи работничкиот статус. Практично регулативата ќе важи само за членовите без разлика на кој синдикат. Тоа е важно за статусот, работниците да можат да се повикуваат на некој акт.

Како ќе се крева рејтингот и угледот на синдикатот?

Рејтингот не може да се крене преку ноќ. Одамна е ослабувана синдикалната позиција. Со континуирано работење со работниците, особено во фирмите со приватни работодавачи, ќе се крене нивната свест за потребата да бидат синдикално организирани. Тоа е процес кој ќе трае подолго. Најавата дека државата треба да се одлучи кон Европа, кон правилата на однесување, интеграција во ЕУ, нужно наметнува да се почитуваат и градат односи што ќе бидат на европско ниво. Односно да проработи, трипартизмот и социјално економскиот совет. Синдикатот има репрезентативност и во приватниот и во јавниот сектор. Значи ќе учествуваме при договарањето и потпишувањето на колективниот договор за јавниот сектор, покрај приватниот. Така ќе расте рејтингот и популарноста на синдикатот кај работниците, оти само преку него ќе можат да ја кројат судбината и да создадат грб. Нужно е да се едуцираат членовите, да се оди од човек на човек за да се постигне синдикално организирање. Оти се прекршуваат многу работнички права. Значи, тоа е мотивацијата за раст на членството. Има најава за формирање на агенција за станбена изградба со учество на синдикатот, работодавачите и државата. Таа ќе има функција да гради работнички станови. И така да се мотивираат работниците да припаѓаат на одреден синдикат.

Што ќе се случи додека Македонија не стане дел од европското семејство?

Ќе мора работниците да ги инспирираме на синдикално организирање. Нужно е да разберат дека треба да имаат некоја организација, а не мора да биде и нашата. Синдикати има и на локално ниво по гранки и т.н. Нужно е работниците да сфатат дека само организирано ќе можат да одолеат и да бидат отпорни на влијанието на капиталот. Веќе расте организираноста. Во дел компании, особено текстилни со тешкотии, се основаат синдикални организации. Но има тешкотии за стартување на организациите. Имаше успеси, на пример, во Најс текстил за подобрување на условите за работа. Прашање е на култура, традиција и страв. Работниците како да папсуваат по првите ситни извојувани “привилегии” што им припаѓале. Како да велат дека им е доста не им треба организација. Иако им тежат проблемите, не се знае работно време, смени, сега пак се враќаат и бараат да се постави синдикатот. Инаку кога фирмите пропаѓаат, кога се прогласува технолошки вишок, тешко се спасуваат работните места, но подобро е организирано да се настапува, отколку хаотично и индивидуално.

Синдикатот последниве години, како да се додворува на една или на друга политичка структура. Како да се создаде независен синдикат, отпорен на политичките влијанија? 

На одредени моменти синдикатот се доближува или се оддалечува од владеачката структура. Власта ја избира народот и се определува кој ќе го раководи четири години. А Синдикатот нужно е да соработува со власта, впрочем тие се партнери.

Да, добро е да се партнери. Дали синдикатот треба да биде сателит на власта или сервис на опозицијата?

Нема да бидеме сателит на власта, но некогаш мора да се доближуваме или да се оддалечуваме. На пример, како за станови со поволни услови каде државата партиципира. Тоа не е сателитски статуст, туку партнерски. А опозициски ќе бидеме настроени кога се носат лоши закони и ќе бидеме опозиција. Последниве години кога се сменија двете политички гарнитури сите донесоа лоши решенија за работниците.

Какви се односите со работодавачите. Дали седнувате на маса кога ги пречекоруваат прописите, дали се наоѓа мунасип?

Не се случило за последниве месеци, и тоа летни, нешто спектакуларно на тоа поле. Стил на работа ќе биде на секоја најава на кршење на правата на работниците да се посетуваат работодавачите со синдикалните претставници и да се дејствува превентивно, особено кога се намалува плата, кога се кршат прописите за работно време… Можам да ветам дека ќе се дејствува превентивно. Имаше еден случај неодамна кога работодавците сакаа да ги намалат платите на работниците на принуден одмор да не земаат плата. Интервениравме и се најде заеднички јазик, се најде начин и модел, релативно поддржан, и од синдикатот, и од менаџментот. И тоа во компанија во тешка состојба.

Како да се мотивираат работниците да застанат зад вас, да покажат солидарност за други бранши? Како ќе стекнете доверба и ќе создадете клима и кај работодавачите за нужноста од соработка? 

Тоа време уште не е дојдено кај нас. Ќе помине уште време за одговор на повик на синдикалниот лидер без разлика од какво ниво. Треба едукација, поткревање на свеста на работниците, но и работниците треба да видат некој аир, ефект а не само да плаќаат членарина, без да знаат за што ја даваат. Нужно е да се направи систем на едукација за меѓусебно зголемување на довербата, макар што, има дејства во синдикални средини. Синдикатите реагираат и не е се пашибозук дека секој си игра со работниците како сака и дека синдикатот ништо не прави. Има синдикати во градов кои реагираат се спротивставуваат по некои турбуленции. И има позитивен одговор и успех.

НЕМА ТУЖБИ ЗА МОБИНГ

Пријавуваат работниците мобинг?

Досега нема тужба за мобинг врз работник. Има најава. Мобинг е психолошко, сексуално, верско или друг вид малтретирање на работниците. Во законот не е регулирана прецизно материјата за мобинг. Без декларативни одредби, се залагаме за посебен закон за мобинг како во дел соседни земји. Не е дефинирано како да се докаже мобингот и од кого, кој треба да одговара, правното лице или раководителот… Впрочем, работодавачот нема мотив да врши мобинг, кога работодавацот, без образложение, лесно може да избрка работник или да прогласи технолошки вишок. Има мобинг, но нема мотив некој да врши мобинг. Некој друг би трпел нешто ситно само да однеси леб дома и да го задржи работното место.

Loading