ПРОБИВААТ УНИКАТНА КОЛЕКЦИЈА ЗА ДЕЦА

Семејниот бизнис на Конески во конфекцијата “Хатра”

Позитивни искуства од пласманот на сопствените модели, нудени во неколку дуќани во сите градови во земјата

Кадровскиот и техничкиот потенцијал се ангажира на лон систем во меѓупериодите на детските колекции

Нова есенска колекција за девојчиња веќе има во трговската мрежа. Моделите на марката Тила, дизајнирани за свечени пригоди, како и секојдневни моменти се производ на добропознатата конфекција “Хатра”, која на пазарот постои веќе 11 години во континуитет. Препознатлива е по детската конфекција за извоз, по лон принципот за Германија. Откако лани, поради светската економска криза пропаднале европските партнери, по куса пауза, сопственикот Благоја Конески, засилен во менаџментот со двете ќерки, одлучиле да почнат сопствено производство на детска уникатна облека, наместо да стават клуч на врата.

Мали комплицирани серии

– Го искористивме десетгодишното искуство во производството на детска конфекција и решивме да одиме со сопствен производ по свој пат. За два месеци лани, во мај – јуни, почнавме со летна гардероба. Испитавме и откривме дека има побарувачка. Тоа нé охрабри, иако на пазарот е присутна многу ефтина кинеска и турска стока. Рамо до рамо се носиме со конкуренцијата, со останатите брендови со квалитет, цени, прилагодени на куповната моќ. Користиме квалитетен текстил за квалитетна изработка. Поставивме нови модни трендови. Тука се двете ќерки кои работат на домашното производство, вели Конески.

Ќерките во менаџментот

Во семејниот бизнис на “Хатра”, младиот полетен дел избира, креира… Десна рака се ќерките. Соработуваме со холандска невладина организација. Беа на почетокот на годината и ни праќаат модели. Задоволни сме, охрабрени. Добро оди и со муштериите. Има позитивни реакции. Моделите беа многу убави, ги работевме за Германија – ексклузивна детска облека по 30-50 парчиња по модел. За тоа се специјализиравме. Недостасуваа детски модели – вели Ивана Андоноска, една од ќерките на Конески. Имавме недостаток на работа. Од западните партнери стекнавме искуство за професионалност, навремена и квалитетна изработка. Најтешко е развивањето на моделите. Се бара широк асортиман, голем избор и пристапни цени кои, можат да си ги дозволат повеќе родители за своите женски деца. Користиме главно природни материјали во колекциите со 80-90 модели за девојчиња до 14 години. Во постапка е брендирањето. Името на детската колеција Тила е изведено од Отилија, кое асоцира за женско. Секоја сезона ја покриваме со нов каталог. Се промовираме и на социјалната страница Фејсбук, организираме модни ревии, дистрибуираме флаери и организираме наградни игри. Внимаваме на сите аспекти вградувајќи ги европските стандарди – вели Наташа Конеска. Столбот на бизнисот, Благоја е ориентиран на лон систем во периодите на луфт од сопственото производство. Соработуваат со грчки фирми да не остануваат без работа.

РЕЦЕСИЈАТА “ЛАПНА” 30 ИЛЈАДИ ЕВРА 

Лани две германски фирми со кои работеле долги години заради светската економска криза ја прекинале соработката. Останаа должни за последната испорака околу 30 илјади евра, кои ќе ги наплатиме по судска постапка која трае долго. Иако можеби не се големи средства, мошне се значајни за фирмата. Кризата најмногу ја почувствуваа западноевропските земји. Дел од компаниите, наши партнери банкротираа и се прекина производството за нив.

Loading