“ДА ИНСПЕКТОРЕ…” ЗА СВЕТСКИОТ ДЕН НА ТЕАТАРОТ

Светскиот ден на театарот 27 март, театарот “Војдан Чернодрински” ќе го одбележи в понеделник, со изведбата на претставата “Да инспекторе” во режија на Синиша Ефтимов. Пред публиката ќе бидат прочитани светската и македонската порака по повод денот на театарот.

Порака ја напиша Самиха Ајуб, позната и призната египетска актерка, која посочува дека секој нерв во нејзиното битие треперел под притисокот на она низ што сите минувале – страдањето на театарските и нетеатарските уметници – страдањето од големите притисоци и мешаните емоции надвиснати над светот, сега и тука, денес.

-Целиот свет стана изолиран остров, или како бродовите кои се губат во маглата над хоризонтот, секој од нив ги шири своите едра и испловува според водство, кое не гледа насока во хоризонтот пред него, и покрај тоа, продолжува да плови, надевајќи се дека ќе стигне безбедно до пристаништето, по долгото преиспитување на непредвидливоста на немирното море. Нашиот свет никогаш не бил толку блиску поврзан меѓусебе како што е денес, но во исто време никогаш не бил ниту повеќе одалечен и дисхармоничен каков што е денес… Театарот во суштина е чист и хуман акт базиран на есенцијалното, хуманото, а тоа е животот. Со зборовите на големиот Константин Станиславски, “Никогаш не доаѓај в театар со кал на чевлите. Остави ја прашината и валканоста надвор. Преиспитај си ги своите мали грижи, караници, проблеми и остави ги на закачалка како палтотот – сите работи кои ти го уништуваат животот и ти го насочуваат вниманието далеку од уметноста – таму кај  вратата”. На сцената се качуваме само со еден живот во нас, оној на човечкото битие. Токму овој живот има способност да се подели и репродуцира, претворајќи се во многу други животи кои ние ги изведуваме на сцената, пред светот, ги оживуваме, тие цветаат и се шират како парфем кои допира до другите – напиша египетската актерка во светската порака по повод денот на театарот, потенцирајќи дека нивната мисија е, на носителите на факелот на светлината, да бидат фронтално конфронтирани кон сé што е грдо, крваво, и нечовечно.

Автор на македонската порака е Теута Ајдини-Јегени, актер во Албанскиот театар, која посочува дека  театарот за неа е љубов.

-Љубов! Тоа е вистинскиот збор за театарот. Ми доаѓа на ум кога мислам на театарот, кога сум во него, на сцената, во публиката, додека ја подготвувам улогата… А чувствата – е, тие не можат да се опишат лесно со зборови,  тука се испреплетени, и срцето и душата, и умот и телото, тука се и потта и солзите, и смеата и лутината, и болката и радоста… Тоа е, сигурна сум, она што му се случува на секој театарски дее. Без тие чувства не секој еден учесник во создавањето на идниот живот на една претстава, не ќе може да ја пренесе драмската магија до публиката. Секој еден кој работи и живее со театарот, ја има таа љубов во себе… Театарот не постои единствено за да í ја пренесе на публиката магијата која ја создаваат драмските автори, заедно со режисерите, актерите и сите други театарски творци и работници. Неговата задача е да го следи животот, да реагира на случувањата во општеството, во светот, да укаже на опасностите и девијациите во нормалноста и хуманоста, да ги соопшти пораките кои светот и човекот има потреба да ги слушне во времиња на кризи… Да ги оставиме драмите да се играат на театарските штици, во костуми, со сценографија, кореографија, под рефлекторите на сцена, со музика, со сето она што ја создава театарската магија пред театарската публика. Нека се смее публиката, нека се замисли и загрижи, па и нека заплаче… но нека заплаче за судбините на Антигона и Офелија, за оние трагични ликови, кои ние актерите и другите театарски дејци им ги пренесуваме на сцена, од делата на драмските уметници… Да ги отстраниме драмите од нашето секојдневие, од улиците, градовите, селата, каде што поради болните амбиции на некои ликови со моќ и диктаторски амбиции, терористи, екстремисти и манипулатори со верските и етничките чувства, страдаат нечии деца, браќа и сестри, родители, љубени, блиски, соседи, сограѓани, сонародници, луѓе од крв и месо. Драмите, трагедиите, не треба да се одвиваат на ниедно друго место, освен на театарската сцена. Кажете им не, на тие што прават светот да крвари, бидејќи секое наше противење се брои. И повелете в театар – напиша македонската актерка Теута по повод Светскиот ден на театарот – 27 март.

Loading