ТУРСКО А НЕ СРПСКО

Има една интересна појава во нашиов јазик. Имено, на нашава територија се среќаваат определен број топоними (имиња на места) кои имаат наставка – ИЌ. Во прилепско имаме два такви случаи, – ЦАРЕВИЌ, село оддалечено 20 километри и ДАБОИЌ – извор и месност. Во близината на Крива Паланка постои село ТОПОЛОВИЌ, во Мариово БЗОВИЌ. На патот Кавадарци – Неготино е селото ГЛИШИЌ. Пред некое време, планината меѓу Ресен и Охрид се викаше БУКОВИЌ. Според наставките, веднаш се чини дека се тоа српски имина на места. Но дали е така?! Некој поширок материјал каде што се разјаснети овие работи не сме сретнале. Единствено Блаже Конески на едно место ја објаснува оваа појава, макар што и во неговото толкување има определена резерва.

Во наведениве примери се работи за наставката – ИК, со која се изведуваат топоними од имиња на растенија – ТОПОЛОВИК, ДАБОИК, БУКОВИК и така натаму. Конески смета (веројатноста е мошне голема) дека турскиот јазик извршил големо влијание. ГЛИШИЌ не е топоним, не е име на место добиено од некое растение, но начинот на кој се добила таквата форма, таквата наставка, е идентичен со другите. Ова село е споменато уште во 17 век во некои турски тефтери како ГЛИВШИК. Со времето, се изгубило тоа “В” и останало ГЛИШИК. Во турскиот јазик, кога ќе се најде “К” на крајот од зборот, (пред него има “И”) омекнува и станува “Ќ”. По таквиот начин ГЛИШИК, станал ГЛИШИЌ. Нашиот народ го усвоил изговорот на турците и за другите именки, за топонимите добиени од имиња на растенија. ТОПОЛОВИК (место каде растат тополи) станал ТОПОЛОВИЌ, БУКОВИК (место на буки) станал БУКОВИЌ. Таков е случајот и со ЦАРЕВИЌ и ДАБОИЌ. Нејасна е ситуацијата со БЗОВИЌ во Мариово. Не ни е познато дали тоа име е добиено според името на кое растение.

Колку што не служи меморијата, планината меѓу Охрид и Ресен луѓето ја викаа БУКОВИЌ. Најверојатно, при помислата дека е тоа српско, планината некако се преименува во БУКОВО. И сега сите ја викаат така.

Но, како што видовме, овие наставки (“ИЌ”) не се дојдени преку српскиот јазик, туку преку турскиот.

Конески приведува и други примери, за други измени настанати под влијание на турскиот јазик. Се задржавме на овие топоними со наставката “ИЌ”, за да се разбие дилемата дали се тие српски или станале наши по некој друг пат.

Поинаков е случајот со селото НИКОЛИЌ кај Дојран. Тоа е така именувано за време на српската колонизација по Првата светска војна и тоа си има чисто српски карактер.

Такви насилни преименувања (за да не бидат божем, српски) имаме и во други случаи. Во Прилеп постои улица која се вика “БИДИМАШ”. Ова е име на едно место општо познато како БУДИМАШ. Колку што ни е познато, тоа место припаѓа на плетварскиот синор, ама плетварци го викаат БАДИМАШ. Веројатно под влијание на бугарскиот јазик Б’ДИ М’Ж. Или по некои други влијанија. Според легендата, местото било многу стрмно, е, па “БИДИ МАЖ па качи се”!

Но, како и да е, имињата се создаваат во определени услови и од определени причини. Не треба сега да се бараат нови нунковци кои ќе даваат нови имиња и на таков начин ќе го манифестираат својот патриотски дух. Обично, тоа го прават луѓе не многу упатени во соодветната проблематика. Ете, на таков начин, со некакво немотивирано помакедончување, во Прилеп постои улицата “БИДИМАШ”. А такво место, со тоа име не постои никаде и станува нејасно според што го добила името таа улица.

Ако тргнеме по таа аналогија, ќе пронајдеме повеќе примери, повеќе имиња што ќе не натераат да помислиме дека не се македонски.

Ќе треба ли сега КРИВОГАШТАНИ да го преименуваме, да го прекрстиме во КРИВОГАЌАНИ, за да биде македонско?!

Ами ЧЕРЕП?! Тоа е бугарски збор. На македонски тој гласи ЦРЕП. И сега?!

Но, за тоа во некоја друга пригода. За согласните групи ЦР, ЧР (ЦРЕША – ЧЕРЕШНА) другпат.

Благоја Ивчески

Loading