БРАКОТ Е ПРОЕКТ ЗА ЗРЕЛИ ЛИЧНОСТИ

Бошко Талески, раководител на Одделението за администрирање даноци

Не е посакуван ерген кој ќе рипне наско в тавче

Мечтае да се венча со својата избраничка на манастирот Трескавец во народна носија, а не во зетовски костим

 

Четириесетиедногодишниот раководител на Одделението за администрирање даноци Бошко Талески годинава ќе заплива во брачните води. Иако веќе ја ситни петтата деценија од животот, сé уште е “сингл”, затоа што, според него, бракот е институција во која две здраворазумни суштества мора да носат супер квалитетни одлуки. Не заради нив, туку заради синовите, ќерките итн. Засега не го открива името на избраничката на неговото срце, но признава дека годинава ќе застане пред олтарот да го каже судбоносното “да” и да се круниса со брак тригодишната љубовна врска со 12 години помладата идна сопруга која по професија е лекар. За секој проект во животот потребна е енергија и посветеност. Бракот е врвен проект, поткрепен со многу љубов. Ништо не постои толку вечно колку бракот, дури од Адам и Ева. Се распаѓаат држави, армии, системи, империи. Ама, бракот е традиција, вера, институција, врска, заедница и ќе опстојува долго време. Брачните сопатници треба да се носат тешки одлуки. Не секогаш исполнети се со разум, разбирање од другата страна. Се трудев да поминам низ сите фази на животот, да ги изживеам, да дојдам до фаза во која сфаќам дека навистина е потребен брак и семејство. Сé што сум правел во животот, сум го правел со желба, јас сум традиционалист. Созреав и не сакав нештото да го направам туку-така – вели Бошко Талески.

Меѓу двајца потребна е хемија

Не го открива името на избраничката на неговото срце. Била личност која го разбира. За него, физичкиот изглед не е пресуден. Доволно е разбирање. Имам многу обврски и не секогаш сум во кондиција да бидам романтичен тип, односно она што по природа жената го бара. За мене, романтика е практичната страна. Сум се нафатил за крупни професионални обврски и сакам секогаш работата да ја завршам на најдобар начин. И откако ќе се инсталира системот, нема да се потребни толку многу часови, посветени на работата, надвор од работното време. Сакам да
сум џентлмен, затоа сум традиционалист, конзервативен, почитувам хиерархија – жената да биде женствена, а мажот – мажествен. Жената не сум ја гледал заради материјалните и телесните атрибути. Меѓу двајцата, треба да има хемија и само така можеш да ги пребродиш недоразбирањата, ако ги има. Многу е субјективно да кажам колку сум толерантен, но доколку има хемија, побрзо ќе ги пребродиш недоразбирањата во границите на машкоста. Ако некој ме разбира, тоа значи дека има хемија. Не е пресудно фамилијарното и материјалното потекло. Сум сакал изградена личност, независна, посветна на себе и да сака брак. Ако личноста те инспирира, ако секој ден не и се додворувраш да ја инспирираш одново, тогаш си ја згрешил личноста покрај себе. Женската треба да ти даде хинд, да го забележиш тоа и го трансформираш во комплимент. Жените имаат сензорско осетливо око за да утврдуваат мани и недостатоци, особено на себе, така да не е потребно да и кажеш – вели Талески. Разговорот со Бошко тече без понежната страна, која би ги пренела неговите слабости, кои треба да се проголтаат во бракот. Скромен и верува дека изградил вредности. Во хороскоп е “близнаци” со подзнак “бик”. Не сум нервозен тип. Се трудам сите да ги разберам. Иако за “близнаците” се вели дека се “дволични”, мислам дека градиме однос каков што градат кон нас, односно кон мене – вели Бошко.

Бошко не е топ ерген

Судејќи според материјалната позиција , Бошко не е “посакуван” ерген. Нема автомобил, ниту куќа, туку само стан од 60 квадрати. Живееше со родителите, а станот го уредува во заеднички стил со идната невеста. А додека таа и официјално го пречекори куќниот праг, во станот засега го “чека” скултурата наречена “Веселка”, која свири ноти на хармонија и љубов. Удобно ми е во моите четири ѕида, во мојата душа. Ниту сум љубоморен на туѓи имоти, ниту запаленик за материјални страни. Од старт, мислам дека младите треба да живеат посебно. Ми пречи препатријархалниот начин на живот – свекор, свекрва и женското да биде жртва на куќата во која ќе појди. Тоа е од турско – вели тој.

Вљубеник во Прилеп

Бошко ја одржува физичката привлечност со постојано вежбање и одржување на кондицијата. Редовно планинари, вози велосипед, оди на боди билдинг и игра баскет. Како средношколец во Скопје тренирал во МЗТ, а откако се вратил во Прилеп продолжил во 11 Октомври. Најчесто вози велосипед накај Слива, мариовско, па се до Расимбегов мост. Го импресионира природата. Често планинари. Вели дека нема никави стравови како личност. Се труди да биде оптимист. Сакам друштво со позитивни личности. Најмногу сакам драги пријатели. Тоа ми е камен темелник за да не лебдам во воздух. Сакам деца, ама не сакам многу да патувам. Сакам да го откривам Прилеп. Премногу го сакам Прилеп и Македонија. Без Прилеп, без друштвото, луѓето, чаршијата – денот ми е празен. Среќен сум што оваа Македонија ме поканила да се родам овде, прекрасна е климата само луѓето треба да го сменат односот едни кон други за да не бидеме премногу политички настроени, да не се става политичката вага – вели Бошко. Има “проект” пред себе да магистрира и да продолжи да учи. Обожува да чита. Омилени автори му се Огмандино и други, современа американска присхологија… Месечно чита по 2-3 книги. Принципиелен е и не отстапува од свои принципи.

Гардероба – “made in” Прилеп

Бошко е вегетаријанец и јади единствено риба. Ги сака животните. Редовно пости. Признава дека не знае најдобро да се снајде во кујната, Не знае да готви, а не е ниту голем гурман. Не му претставува задоволство долгото седење во кафеана. Најчесто јаде соја, компир и ориз, неограничени количини. Благо јаде и не држи диети. За него, кафеаните се загубено време, товар. Смета дека не треба да се запоставуваат информациите за здрав живот. Постот, причестот и исповедта се клучни за човек да стане добра личност. Православен христијанин сум и ги ценам сите религии. Верата одговара на сите прашања кои ги немам во мене за да не постојат неодговорени прашања. Се што со мојата совест не можам да одговорам, го препуштам тоа да биде на божјата волја – вели Бошко. Внимава и на гардеробата, ама малку троши. Купувам се од Прилеп. Оданочувам прилепски фирми и логично е да трошам прилепски производи. Имам филозофија дека човек најдобро може да опстанува прав, жив, весел само ако живее согласно со она што никнува и расте во местото. Се пресоблекувам и неколкупати во денот. Имам сопствен протокол. Носам посебна облека за секоја пригода. Често се случува да имам средби со министерства, амбасадори и не е во ред исто да си облечен. Речиси 90 насто од впечатокот кој се остава, се должи на визуелниот изглед – вели Бошко.

Прилеп да има филхармонија

Не е љубител на зимските спортови, а не сака и лежење на плажа. Претендирам повеќе туристички одмор со посета на културни манифестации и споменици, отколку лежење на плажа. Ме иритира таков одмор – вели Бошко. Сон му е Прилеп да има филхармонија. Ме иритира што го нема хотелот Јадран, кој би требало да биде мултимедијален, и оти Прилеп нема филхармонија – вели Талески. Тој е скромен, некој ќе рече и срамежлив, но крајно педантен кој внимава на изгледот. За него, депилацијата не е само женска работа. Смета дека државата треба да го модифицира и Законот за брак и семејство со кој се изразуваат чувствата. Ми пречи индиферентниот однос на матичарите. Во Уставот нека има брак од интерес, брак од еден ден. Но вака законот воопшто не е креативен – вели Талески.. Од спортските асови, го почитува Мурињо, но ја обожува Барселона. Жалам што Прилеп нема кошарка. Тоа е врвен интелектуален спорт. За долгорочност на кошарката, фирмите да се ангажираат и да помогнат за повисоко ниво. Среда и сабота играм кошарка. Гледам и светското првенство во ракомет. Фан сум на Хрватска. Партизан ми е репер како може екипа да опстојува долго време и да вади талентирани кошаркари – вели Талески. Не игра лото, спортска прогноза. Сака да слуша добра музика, некогаш Електрични оргазам, Психомодопоп, а сега македонска изворна музика – Даутовски, Синтезис, Баклава… Според него тука е кодот и генот на Македонецот.

“Да” во носија на Трескавец

За стапувањето во брак, Бошко Талески има неколку романтични сценарија, кои не излегуваат од традиционалниот, македонски стил. Желба ми е да се венчаме во манастирот Трескавец за кој сум емотивно и духовно врзан. Сакам тоа да биде многу интимен и традиционален чин. Дури и да бидам облечен во традиционална македонска носија. Не сакам клишеа, едноставно имам таква замисла – вели Талески. Ќе го побара стариот кум.

Нема профил на Facebook

Бошко Талески, за разлика од повеќето млади и јавни личности, нема профил на Фејсбук. Смета дека се “распродава” душата. За професионалните работни обврски користи информатички алатки како скајп и тоа строго службено. Фејсбук или Твитер и другите социјални мрежи се класична распродажба на душата. Тоа се ладни медиуми без комуникација со сите сетила. Не може да ми стане некој пријател или јас нему, ако не се соживееме. Со моите ставови излегувам на пазарот и секој ме оценува. Има и пријатели и непријатели. На фејсбук твоите пријатели или непријатели знаат голем дел од твоите слаби и силни страни, музика филм и можат да те манипулираат со сето тоа. Не сакам да бидам предмет на социјалните мрежи. Тоа се коси со мене, тоа е во ред за комуникација, но не до толку да биде изразен тој тип на комуникација. Светот понатаму во комуникацијата ќе оди преку интуиција. Ќе ти ѕвони во желудникот кој те бара. За 100 – 200 години така ќе движи комуникацијата. А и преку интуиција опстојуваме – вели Талески. Нема виртуелни, ама има реални пријатели, со кои се градат односи на пријателство.

Loading