ЗАПАЛЕНО, НЕ УЖЕГНАТО

Разни емисии за здрава храна. Разни рецепти за секаквиivce1 болести. Лековити билки, чаеви. Ова се чести теми во последно време. Телевизиските куќи се натпреваруваат со советите за употреба на природна и здрава храна. Во повеќе емисии сме слушнале за корисноста на маслиновото масло. Особено ако е ладно цедено. Во една таква емисија, водителката зборува за карактеристиките на маслиновото масло. Објаснува и за тоа како треба да се чува. Во спротивно, вели дека маслото можело да УЖЕГНЕ. Токму овој збор (ужегне) беше повод за овој напис. Дали е тој збор наш? Сме слушале уште во детските години дека салото, овчјата маст, маслото, па и некои други материи можат да се СПАЛАТ. Така барем се велеше во Прилеп – “Маста се спалила”. Слушавме да се вели и дека е ЗАПАЛЕНА. Во ваквите ситуации миризбата е непријатна. Ќе цитираме неколку реченици од романот “Крпен живот” од Стале Попов, за да ја потврдиме употребата на зборот ЗАПАЛЕНО: “Нивните погачи излегоа побели. Навистина, брашното мириса на запалено, но тие навикнале и не јадат од годинашно. Нивните амбари се полни со ланско и поланско брашно. Кога го тураат – со кросно го набиваат, а кога го вадат – со мотиче го копаат. Тоа ти се вели домаќинлак”. Како што гледаме Стале Попов вели дека брашното мирисало на ЗАПАЛЕНО. Престоено било неколку години. Ако не е чувано во соодветни услови подолго време, истото може да се случи и со маслото и со салото и со маста. И тие можат да мирисаат на ЗАПАЛЕНО (спалено), но не на УЖЕГНАТО. Го нема и во Речникот тој збор. Но, во споменатите емисии слушаме и многу други туѓи (српски) зборови. Истата водителка зборува за некоја здравствена состојба кога на човекот му ТРНЕЛЕ прстите. ОТРПНУВААТ кај нас прстите а не ТРНАТ. Ние велиме дека во таквите случаи трпки ни минуваат, трпки ни лазат на соодветното место. На соодветниот дел од телото. Особено тоа се случува при подолго седење во некоја незгодна позиција. Зборот ОТРПНА се употребува и во преносна смисла. Кога ќе се привикне човек на нешто непријатно се вели дека му ОТРПНА кожата. Именката ОТРПНАТОСТ се употребува и тогаш кога човек станува бесчувствителен, на болка, на надразба, но и на навреда. Значи, ТРПНЕЊЕ, ОТРПНУВАЊЕ, ОТРПНАТОСТ, а никако не ТРНЕЊЕ. Оваа грешка мошне често ја слушаме и од доктори кога објаснуваат за некои болести што се манифестираат на ваков начин.

Велиме дека се мошне чести емисиите на нашиве телевизии во врска со лековитоста на разни билки, во врска со приготвувањето на разни чаеви и други лекарства. Но, не само на телевизиите. Во многу списанија и весници читаме реклами за разни лековити средства. Читаме за успешно лекување на разни проблеми на кожата. Меѓу другото и за лекување на КУРЈЕ око. А што е тоа ? Некои велат дека е плускавец. Но, не е тоа. Овде станува збор за затврднат мал дел на кожата, обично на стапалата или меѓу прстите на нозете. Има нешто како коренче кое навлегува подлабоко во кожата и на притисок предизвикува остра болка. Србите го викаат КУРЈЕ ОКО. А што значи тоа? КУРЈАК на српски значи волк. Кога ќе се спомене волкот, уште од одамнешни времиња, побудува лоши чувства. Не случајно и во приказните волкот е присутен, обично, како лош. Неговите очи предизвикуваат стравични чувства. Затоа она затврднато место на кожата, со коренче, Србите го викаат КУРЈЕ ОКО. Но на македонски тоа не може да биде така. Тоа е ВОЛЧЈО ОКО. Остриот волчји поглед се споредува со острите болки што се чувствуваат при ваков израсток на кожата, на стапалата. Многу лоши нешта се именуваат според некои особини на животни. Затоа се вели – МАГАРЕШКИ ИНАЕТ, СВИНСКА ЧУРУЛКА, ЗАЈАЧКО СРЦЕ, (за страшливец) и многу такви. Но, сега да не завлегуваме во друга тема. Зборот беше за КУРЈЕ ОКО. Погрешно е да го викаме така. Тоа си е ВОЛЧЈО (волчо) ОКО. Не треба да позајмуваме туѓи зборови кога имаме наши. Но, не сме секогаш внимателни и постојано си го нагрдуваме јазикот.

Благоја Ивчески 

Loading