МИНАТОТО ВО ФУНКЦИЈА НА ПРОФИТ

Археолошкиот локалитет Стибера – бастион на антички статуи

– Скулптура од антички период е пронајдена при неодамнешните археолошки истражувања

– Решавањето на проблемот со приватните имоти ќе овозможи комплетно да се истражи локалитетот

Ekskluzivna statua  najdena vo StiberaМашка мермерна статуа во природна големина, без глава и стапала, која датира од 2-иот век од нашата ера е пронајдена на античкиот локалитет Стибера, кој е еден од најголемите археолошки простори во Македонија. Ексклузивниот наод пронајден е при неодамнешните археолошки истражувања. Тоа ја потврдува Стибера како најголемото наоѓалиште на антички мермерни статуи. Висока е еден метар и се претпоставува дека е на заслужен граѓанин. Се истражуваат дел од градбите на локалитетот и се претпоставува дека станува збор за Собранието на градот Стибера, во помал обем поради ограниченоста на просторот со приватните ниви. Но, со директното залагање на Министерството за култура, Управата за заштита на културното наследство и градоначалникот, се очекува да се решат имотноправните прашања да се зголеми опфатот на истражувањата и Стибера да стане  локалитет за посета на туристи, осветлен и да се посетува и дење и ноќе. Сведоштвото за минатото, културното богатство, од друга страна, на Прилеп ќе му носи економски бенефит.

Статуа на заслужен граѓанин

Скулптурата е пронајдена во објектот за кој се претпоставува дека е Собрание на градот, а изработена е во стилот на репрезентативната мермерна антропоморфна пластика. Годинава се истражува на дел од градбите и се претпоставува дека станува збор за Собранието на градот Стибера.

– Пронајдена е и камена плоча на која пишува дека Собранието му дава почест на заслужен граѓанин. Градбата е монументална, широка 17 метри. Уште нема друга потврда, но статуата е репрезентативно откритие – вели Душко Темелкоски, археолог и виш кустос.

Стибера, од сите други антички градови во државава, е најбогата со скулптури. Таа е ризница.

– Статуата се однесува на некој значаен граѓанин, што се потврдува со изработката на драперија, деловите од телото. Во природна големина е и допрва следува процесот на конзервација и чистење. Најверојатно ќе се изложи во археолошката поставка. Податоците потврдуваат дека се работи за голема градба од јавен карактер, репрезентативна. Но, поради ограниченоста на просторот од приватните ниви, не успеавме да дојдеме до податоци со кои би ја потврдиле претпоставката дека станува збор за Собранието – вели Гордана Данилоска – Спироска, директор на Завод и Музеј.

Средба со жителите за договор за нивите

Lokalitetot i riznica dos skulpturiСо решавање на имотите на пет лица, кои засега ги ограничуваат истражувањата, планирано е оградување на локалитетот,  поставување на табли, иако туристите ги знаат податоците за големината преку веб страницата на музејот.

– Договорено е со пет сопственици на ниви да се расчистат имотно-правните прашања. Ќе имаат средба со прилепскиот градоначалник за договор за експропријација или да им се дадат во замена други ниви, за да може истражувањата да продолжат. Тоа ќе доведе до ексклузивно претставување пред туристите – рече министерката за култура Елизабета Канческа – Милеска.

Откритијата ја развиваат националната и историската свест, но се значаен сегмент и за економскиот развој.

– Прилеп, после Скопје и Охрид, има најголем пораст на туристи во Македонија Така ќе ја градиме стратегијата за развој на културен и на фестивалски туризам. Стибера е еден од најзачајните локалитети – вели градоначалникот Марјан Ристески.

Стибера е град кој ги поседува раните цивилизациски карактеристики од предримскиот перид, од најраната антика, но и од римскиот период, што значи има континуитет на цивилизации.

При посетата, министерката за култура заедно со градоначалникот свечено ја отворија сувенирницата во централното градско подрачје. 

Loading