ДЕРВЕН – ДЕРВЕНЏИЈА, ДЕРМЕН-ДЕРМЕНЏИЈА

ivce1На стариот пат од Прилеп кон Велес, во близината на вештачкото езеро, се наоѓа месноста која се вика ДЕРВЕН.

Оваа реченица ја напишавме за да може полесно да се разбере содржината која следува.

Поставувавме  сателитска антена. Младо момче, ТВ техничар го врши монтирањето. Додека трае таа работа разговараме на разни теми. Меѓу другото, момчето објаснува дека монтирал таква антена во Плетвар. Стана збор и за тоа дека во Плетвар имало некоја чешма со многу убава вода. Човекот од Плетвар објаснувал дека таа вода доаѓала од Дервен. Се чуди момчето како е тоа можно. Како е можно да се знае дека водата идела дури од Дервен, кога тоа место е оддалечено од Плетвар седум-осум километри. Се присетивме каде греши момчето. Тоа не знае дека и близу Плетвар има место кое се вика ДЕРВЕН, неполн километар од чешмата со убавата вода. Му објаснуваме дека зборот ДЕРВЕН значи клисура, планински теснец, тесен планински премин. Такви места постојат и на патот од Прилеп кон Велес а и кај Плетвар, на патот од Прилеп за Градско. Денешниве луѓе, денешнава генерација, особено младите, воопшто и незнаат дека зборот ДЕРВЕН означува планински теснец. Сега тој збор се употребува само како топоним, како име на определено место. Она место ДЕРВЕН на патот Прилеп – Велес е познато и пошироко, а она кај Плетвар, само плетварци си го викаат ДЕРВЕН. Бидејќи тој планински теснец бил место каде патниците, обично карваните можеле да бидат напаѓани од разбојници, затоа постоеле чувари – ДЕРВЕНЏИИ. Разбојници постоеле и тогаш, нели?!

Момчето, ТВ техничарот, внимателно го слушаше објаснувањето. Се заблагодари и вели дека му е криво што досега бил во таква заблуда. Што не можел да си објасни како може плетварецот да знае дека водата во односната чешма доаѓала од толкава далечина.

Оваа случка ја раскажавме и во една друга компанија. Еден од соговорниците изрази сомнеж. Вели:

– Не ќе да е тоа баш така!

– А зошто? – го прашуваме.

– Тоа со значењето на зборовите ДЕРВЕН и ДЕРВЕНЏИЈА. Постои една песна која укажува на нешто друго.

– А која е таа песна? – го прашуваме.

– Песната гласи: “Абре воденичаре, дервенџијо, сомели ми житово“. Зборот ДЕРВЕНЏИЈА не ми личи на она, дека е тој чувар на планинскиот теснец.

– Погрешно си ја слушнал песната – му велиме.

– Не само што сум ја слушнал туку и сум ја пеел – вели соговорникот. – Барем за песните, немој да ми кажуваш.

Соговорникот е упорен со своето тврдење. Дури се чувствува и малку  навреден што му се спротиставуваме во областа во која тој е стручен. Но, каде е забуната. Ајде да објасниме. Песната не гласи – “Абре воденичаре, ДЕРВЕНЏИЈА“ , туку – “ Абре воденичаре,  ДЕРМЕНЏИЈА“. Значи – ДЕРМЕНЏИЈА, а не ДЕРВЕНЏИЈА. ДЕРМЕН значи воденица. Затоа воденичарот е ДЕРМЕНЏИЈА, а не дервенџија. Ете, само една буква го менува значењето и создава забуна.

Да кажеме и тоа дека двата збора и ДЕРВЕН (дервенџија) и ДЕРМЕН (дерменџија) имаат турско потекло. Тие се веќе застарени, архаични. Ретко, или можеби никогаш не се употребуваат во современиот литературен јазик. ДЕРМЕН (дерменџија) се употребува само во песната. Признаваме дека и неа одамна не сме ја слушнале. ДЕРВЕН – тој збор го слушаме, но како што рековме исклучиво како топоним, како име на определено место, а не со неговото буквално значење. ДЕРВЕНЏИЈА е веќе сосема надвор од употреба, зашто луѓе со таква функција сега веќе не постојат.

Да заклучиме: ДЕРВЕН – планински теснец, ДЕРМЕН – воденица.

Loading