Инвалид стана земјоделски инженер на 55 години

За Лилјана Ѓорѓиоска никогаш не е доцна за учење

Волјата е чудо кое носи сé пред себе, а камо ли факултетски испити    

Совладала латински имиња со “загревање на столицата”

Godinite ne se precka za ucenje - Liljana GorgioskaНе е баба, а на 55 години доби академска титула, дипломиран агро инженер со специјалност тутунопроизводство. Лилјана Ѓорѓиоска не е исклучено да го покаже стекнатото знаење и во странство. Покрај моралната сатисфакција, дипломата ќе í биде добредојдена за производството на тутун. Семејството Ѓорѓиоски и годинава одгледува тутун и ќе ја расади оваа култура на два декари, како многу години наназад.

Мајката и сопруга стана бруцош пред четири години на дисперзираните студии во Прилеп на Земјоделскиот факултет од Скопје.

Среќна е, оти í се остварил сонот од младоста кога студирала Педагошка академија во Битола пред 35 години. Поради семејството, кренала раце од академската трка по знаења и се откажала. Сега ги минала и ќерката и синот, кои не студираат, иако веќе се на возраст од околу 30 години. Се радува уште повеќе бидејќи е инвалидски пензионер веќе 11 години, поради срцевите проблеми.

Не открива какви í се понатамошните идеи за ефектуирање на дипломата.

– Ме поттикна владиниот проект за бесплатно студирање на возрасни. Децата малку се потсмеваа кога зедов индекс. Не им се веруваше. Со скепса гледаа на определбата, она што не сум го направила навреме дека ќе можам да го надоместам во поодминати години. Но, желбата за учење никогаш не згасна во мене. Тлееше повеќе од три децении. И избувна, покрај сознанијата за тешкотиите и жртвувањата на дел од животот. Мечтаев да студирам и да бранам дипломска. Ете, сонот стана јаве, а копнежите реалност – вели Ѓорѓиоска, која ја одбранила дипломската тема со десетка и во дипломата í пишува дека просечната оценка í е 8,5.

Првите контакти со колегите, на кои според возраста можела да им биде мајка, í биле возбудливи. Се чувствувала како да е во цутот на младоста.

– Предавањата беа привлечни. Ми помогна искуството во обработката на тутунот. Она што практично го знаев со долгогодишното наведнување над секој страк тутун, со повеќекратното префаќање на листовите од зелени до златно жолти, го надополнив со нови сознанија. Веќе ги применувам стекнатите вештини во сопственото производство за да биде попродуктивно и поекономично, а и ги пренесувам на соседите од тутунскиот еснаф – вели Лилјана.

Открива дека патот до дипломата не бил послан со рози. Тој барал одрекувања од многу задоволства и “страдања”.

Gorgioska so kolegite– Кога “се фатив за орото”, нема пуштање и пишманење. Никој од професорите не ми прогледуваше низ прсти, бидејќи бев постара. Ми беше срам, на толку години, да не покажам знаење пред колегите или да оставам празен лист на писмен испит. На почетокот, семејството малку се мајтапеше, но потоа сите дома ме бодреа да издржам. Фамилијата ми беше ветер во грбот, која ме храбреше и поттурнуваше. Пред испитите домашните правеа посебен режим без моите должности. Се ангажираа да ме ослободат од семејните обврски и да ми помогнат да се посветам на учењето. И ноќе учев, дење да бидам послободна и да ги редуцирам членовите на семејството од напорите што се правеа да ми се олесни и да се создаде поволна атмосфера. Дури неколку испити поништив, бидејќи не бев задоволна со оценката, па ги полагав повторно за повисоко вреднување. Кога се располага со волја, годините не се важни. Желбата не познава бетонски ѕидови, децении. Таа е чудо кое урива сé пред себе, како стихија, а камо ли да не може да се совладаат пречки како факултетски испити. Сега тоа се пријатни сеќавања на трнливиот пат, по кој минав и никогаш не се поколебав, туку енергично газев кон целта – објаснува Ѓорѓиоска.

Мака í создале неколкуте предмети со повеќе латински имиња на растенија и инсекти.

– Завршив средно трговско училиште. Никогаш не сум се сретнала со латински зборови. Латинските имиња ми создаваа главоболка, оти тешко ги запомнував. Со “загревање на столицата”, успеав да ги научам неколкуте предмети каде доминираше латинскиот вокабулар – кажува Лилјана.

Лилјана Ѓорѓиоска е и активист на асоцијацијата на жени Преродба. Затоа и нејзините колешки од здружението со акламација ја поздравија одбраната на дипломската работа. 

Loading