Једен сиромав чоек му имал за давање троа пари на једен богат. Многу му сакал парите богатио на сиромаио, арно ама сиромаио немал да му плати. Со денеска, со утре-се поминало баеги време. Врвејќи едно утро сиромаио пред богатио, го видел и го викнал да му сака парите.
– Оти не си плаќаш борџот, бре пријателе? – му рекол богатио како на лутина. Еве толкуа време кај те чекам, оти не се засрамуваш барем од малку малку да даваш и да се платиме.
– Ќе потраиш, чорбаџи, уште некој месец – му рекол- дури да изврват ќаите со овците за на виљает, да ќе остаат овците волна по трњето, и јас ќе си соберам, та ќе ја продадаам и ќе ми ти платам и натплатам, а не сега да ти даам малку, утре поеќе и до најпосле сите. Тој еѓупштилак, чорбаџи, не го праам, јас сите веднаш, ја ти биди ми жив и здрав!
Кога чу чорбаџијата тој збор од сиромаио, брбна да се смеи и да му вели, смееќи се кр, кр, кр,кр:
– Еее, пријателе, трај коњу до зелена трева! Ти ми велиш да собериш волна од трње и да ми платиш.
– Еее, се смеиш, чорбаџи – му рекол сиромаио – оти ти идит арно, чунки се увери оти ќе си земиш парите.
Коа чул тој збор чорбаџијата, уште посилно се изнасмеал и го пуштил.
Марко К. Цепенков
Македонски народни приказни