Велат, мачките имаат девет животи. На фотографијата ја користат погодноста на лесно прилагодување во “скутот” на една паркирана Веспа во Старата чаршија. Веројатно, без изим од сопственикот, се натокмила првин мачката, а по неа и мачињата да цицнат малку млеко, качени на ачик на мотор. Не посакувале кругче на моторче. Само се скротиле околу на удобната Веспа. Користат еден мачешки живот – моторен. И “мачките на две нозе” се мераклии на мотори. Овие со четири се растени в чаршија. Знаат што е цивилизиран живот, па по теркот на модата и во дослух со времето, се осмелиле и тренираат од мали да се качат малку на мотор. А на плочникот, глувче се шетка мирно, слободно, влечејќи го опавчето по мермерните плочки. Питомо, небаре домашен миленик. Деца се восхитуваат, се обидуваат да го допрат и погалат. Граѓаните треба да знаат дека глодарите пренесуваат тифус, трески, чума, салмонела. Чаршиските мачки може да ја остават мрзата и да слезат од мотор. Не само да се кочоперат на мотор, туку да си го проверат инстинктот. Постарите сметаат дека глувците надвор се лош знак, најава за природна непогода.