ДЕМНЕ, А НЕ ДЕМНЕЕ

ivce1Многу непријатно е кога ќе купи човек некаков апарат и кога ќе констатира дека тој не функционира уште од самиот почеток. Така е и за се друго. Првиот впечаток е многу битен. А зошто го пишуваме ова? Зошто овој вовед?

Неодамна, прочитавме дека во Градската библиотека “Борка Талески” била промовирана нова книга. Таквите настани предизвикуваат радост. Но, многу непријатно е кога ќе се забележи крупна грешка уште во почетокот, во насловот на книгата. Книгата носи наслов “Демнеечки дух”. Зар не знаел авторот или можеби и евентуалниот лектор, дека глаголот гласи ДЕМНЕ, а не ДЕМНЕЕ? Во книгата се пренесувало тајно досие на политички затвореник, осуден за Македонија. Интересна тема. Веднаш предизвикува интерес. Сето тоа е убаво, но да се вратиме на зборот (глаголот) ДЕМНЕ. Именката изведена од тој глагол ќе биде ДЕМНАЧ, а не ДЕМНЕАЧ. Глаголската именка ќе гласи ДЕМНЕЊЕ (не ДЕМНЕЕЊЕ). Како ќе гласи придавката? Дали ДЕМНАЧКИ, дали ДЕМНЕЧКИ или пак ДЕМНЕЕЧКИ? Глаголот ДЕМНЕ е од групата Е. Ќе  направиме споредба со некои други глаголи од таа група. Ќе ги земеме глаголите ПЛЕТЕ и ПРЕДЕ. И двата, по својата форма се многу слични со глаголот ДЕМНЕ. Да видиме како би изгледале дериватите од тие глаголи. Од глаголот ПЛЕТЕ, именката ќе гласи ПЛЕТАЧ. Тоа е човекот кој го извршува тоа дејство, кој плете. Придавката ќе гласи ПЛЕТАЧКИ (плетачки игли). Исто е и со глаголот ПРЕДЕ. Именката е ПРЕДАЧ, а придавката е ПРЕДАЧКИ. На пример – ПРЕДАЧКИ ПРЕДМЕТИ (вретено, прешлен). Сево ова важи и за глаголот ДЕМНЕ. Тој, како таков е регистриран и во Речникот на македонскиот јазик (тритомниот). ДЕМНЕ значи чека во заседа, чека, следи, со особено внимание. Мачката го ДЕМНЕ глушецот за да го улови. Сме среќавале и на други места овој збор да биде употребен погрешно – ДЕМНЕЕ наместо ДЕМНЕ. Од двата други споменати глаголи рековме дека придавките гласат ПРЕДАЧКИ и ПЛЕТАЧКИ. Според тоа, во конкретниов случај придавката ќе биде ДЕМНАЧКИ. Значи – “ДЕМНАЧКИ ДУХ”, а не “ДЕМНЕЕЧКИ ДУХ”. За ваквите случаи, во Граматиката се одбележани наставките АЧКИ и ЕЧКИ. Не сме сигурни, но ајде да речеме дека може да се употреби наставката ЕЧКИ, па да биде “ДЕМНЕЧКИ ДУХ”. Но, повеќе од сигурно е дека во ниеден случај не може и не смее да биде ДЕМНЕЕЧКИ. Штета е што уште во насловот, во почетокот на книгата, се среќава ваква грешка. Таа веројатно се повторува и понатаму во текстот. Грешката е уште поголема ако поминала книгата и преку определена лектура и ако лекторот го допуштил тоа. Или, да речеме, не го знаел тоа.

Речиси е практика, во секој дом, човек и да работи нешто друго, телевизорот е секогаш вклучен. Таков беше и нашиов случај. Не ја следевме програмата, но една сцена, еден кадар, не предизвика да погледнеме во екранот. Да видиме што се случува. И гледаме, некакви германски офицери тераат пред себе поголема група луѓе, веројатно заробеници. Еден минувач прашува (на српски): “Где их воде”? Другиот одговара: “У јарку”. Во истото време на екранот читаме текст (на македонски): “Каде ги водат”? Другиот одговара: “Во јарак”. Зборот ЈАРАК го нема во нашиот јазик. За поголема сигурност проверивме во сите речници. И навистина, никаде го нема. Бараме и во српско – македонскиот речник. Таму, за српскиот збор ЈАРАК, замислете, во објаснението пишува дека на македонски тоа може да биде – ШАНЕЦ, ИСКОП, ЕНДЕК, РОВ, ДУПКА и друго. Од дејството на филмот се насетува дека тие луѓе ќе бидат стрелани и закопани во некој ШАНЕЦ, РОВ, ИСКОП, ЕНДЕК, ДУПКА. На нашиов преведувач, не му се нашол наколај ниту еден од овие зборови. Или, можеби и некој друг, посоодветен. Тој го употребил српскиот збор ЈАРАК. Всушност, не извршил никаков превод. Ја отфрлил само падежната форма. Наместо У ЈАРКУ, напишал ВО ЈАРАК.

Многу грешки. Големи. Поголеми од ЕНДЕК, подлабоки од РОВ. Тешко можат да се прескокнат.

Паѓаме, пропаѓаме во нив.

Каде ли е дното?!

Благоја Ивчески

Loading