ТРЕСКАВЕЦ УШТЕ ВО РАНА АНТИКА БИЛ КУЛТНО МЕСТО

Mileniumski treskavecМанастирот Трескавец уште во рана антика бил значајно култно место. Оваа констатација е потврдена со завршените системски археолошки истражувања извршени од екипата од Завод и Музеј, водена од д-р Бранислав Ристески. Според него, во Трескавец имало живот во 17 етапи, почнат од вториот век п.н.е и траел до 19 век.

– Истраживме 80 – 90 насто од пределот околу манастирот. Испитувањата фрлаат значајни сознанија и нова светлина за овој комплекс од повеќе аспекти – археолошки, историски – вели археологот Ристески.

На трите сектори каде се копаше – црква, трпезарија, конаци се откриле населба, бедем, нагласено место за погребување со 80 гробови (пет видови) посветени на заслужени граѓани исклесани во камен со сложена конструкција што максимум го зголемува ексклузивитетот на Трескавец.

–  Потврдивме дека има континуитет на користење на просторот. Во антиката еден култ, во средновековието со христијанството. Најраната населба Колобаиса е од втори век п.н.е со можно постоење на храм на Артемида и Аполон, потоа е втората фаза, доцноантичкиот период со антички бедем, потоа е средновековниот сегмент од 12 до 14 век. Сознанијата од 5-6 век се преку откриени остатоци од базилика, со што ни се сугерира раното христијанство – вели Ристески, потенцирајќи дека целиот простор околу Златоврв, преку Бунар и Гумење, треба комплетно да се доистражи и проектот за манастирот да прерасне во капитален за државата.

Годинешните истражувања беа дел од целосниот проект за реконструкција на манастирскиот простор за кој се одделени 15 милиони денари.

– Проектот со направените корекции е доставен на одобрување до Комисијата. Паралелно се спремаат проектите за конзервација на црквата, на трпезаријата, магерницата и конаците, а треба да следат и истражувања за амбиент вибрации. Кога сé ќе се заокружи, ќе се работи на Трескавец – вели Гордана Д. Спироска, директор на Завод и Музеј.

Loading