ДО КОГА ЌЕ КИНЕМЕ ЗЕЛЕНИ

ivce1Некаков натпревар на една од нашите телевизии. Нешто како квиз. Не ја гледаме редовно и внимателно таа емисија и затоа не ни се познати правилата на играта. Овојпат се појави како натпреварувач позната личност, пејач. Евентуалните парични средства што би ги добил ќе биделе употребени во некои хуманитарни цели. Е, ама, нашата ценета водителка не вели така. Таа не информира дека парите ќе биделе потрошени во хуманитарни СВРХИ. Дали таа мисли дека зборот СВРХА е наш, дали мисли дека тој збор ќе звучи поуверливо од некој наш? Или пак воопшто не мисли! Не мисли дека во телевизиските програми треба да се зборува на чист македонски јазик. Ќе се изгубеше ли нешто ако речеше водителката дека парите ќе бидат потрошени за хуманитарни ЦЕЛИ, за хуманитарни НАМЕНИ, за хуманитарни ПОТРЕБИ?! Во зависност од контекстот, можат да се употребат сиве зборови што ги набележавме. Веројатно може и некои други. Но, водителката го одбрала зборот СВРХА, кој не е наш и не ни е потребен.

На истата, ТВ СИТЕЛ, презентерот ни соопшти дека биле притворени ПЕТОРИЦА полицајци. Причините не нé интересираат, но зошто ПЕТОРИЦА, а не ПЕТМИНА? Постојат тука определени правила. Обичните луѓе, без да ги знаат правилата не велат ПЕТОРИЦА туку ПЕТМИНА. Ќе се послужиме со Граматиката на Блаже Конески. Таму каде што е потребна определена бројност за лица (машки род) се употребуваат специјални форми, изведени од простите броеви. Имаме: ДВА, ТРИ, ЧЕТИРИ другари (другара), ДВАЈЦА, ТРОЈЦА, ЧЕТВОРИЦА другари. Од пет и шест ваквите форми се изведуваат со поинаква наставка – ПЕТМИНА, ШЕСМИНА. Евентуално – ПЕТИНА, ШЕСТИНА. Понатаму сите форми се образуваат со наставката МИНА – ДЕСЕТМИНА, СТОМИНА, ДВЕСТЕМИНА, ИЛЈАДАМИНА и така натаму. Навлеговме малку во теорија за да објасниме дека формите ДВАЈЦА, ТРОЈЦА, ЧЕТВОРИЦА завршуваат тука. Потоа, не може ПЕТОРИЦА, ШЕСТОРИЦА, туку ПЕТМИНА и ШЕСМИНА. Понатаму се знае – сите имаат наставка МИНА. Оваа грешка не сме ја слушнале само еднаш. Особено на оваа телевизија, таа е мошне честа.

Некаде, во Гватемала, бил изработен необичен килим. Се разбира, на отворен простор. Бил многу голем. На екранот видовме дел од тоа чудо. Интересни шари и фигури. Коментаторот ни соопшти, меѓу другото, дека килимот бил изработен од СТРУГОТИНИ. Нашиот збор е СТРУГАНИЦИ, а не СТРУГОТИНИ.

Објаснува пријателот за некоја своја мака. Некој човек постојано му се наметнувал со некакви барања и му создавал проблеми. Вели дека го чувствува како огромен товар кој му тежи, и се чуди како да се ослободи. Вели: “Никако не можам да го СКИНАМ од вратот”. Можеби немаше да пишуваме за ова но грешката сме ја слушале повеќепати, а голема е. Зборот да СКИНАМ во македонскиот јазик има сосема поинакво значење отколку во српскиот. Српскиот глагол СКИДАТИ значи СИМНУВАЊЕ, СПУШТАЊЕ, па и СОБЛЕКУВАЊЕ. Српската реченица “Не могу да га СКИНЕМ са врата”, значи “Не можам да го СИМНАМ од вратот”. Србите можат да речат “СКИНУО је капут”. Но, тоа нема да значи дека некој го СКИНАЛ палтото, туку дека го СОБЛЕКОЛ. Голема е грешкава. Чудно е зошто ја прават нашиве луѓе. Сме чуле дури и еден мошне необичен израз, од наш соговорник. Му се завртела, некаква идеја, некаква мисла во главата. Постојано мислел на тоа. Вели дека таа мисла никако не можел да ја СКИНЕ од умот. Во македонскиот јазик, се знае. Да се СКИНЕ нешто значи да се ИСКИНЕ, да се ПАРЧОСА, да се раздели на повеќе делови. Може да се рече дека некој си СКИНАЛ јаболко или некој друг плод. Некој си СКИНАЛ цвеќе. Нашиот глагол КИНЕ (скине) никако не може да се поистоветува со српскиот глагол СКИНУТИ. Таму тој си има сосема поинакво значење.

Но, кај нас грижата за јазикот е на мошне ниско ниво. Затоа, како што се вели, ќе КИНЕМЕ вака зелени.

Благоја Ивчески

Loading