ДАНИЕЛ МЕЛВИЛ – МАКЕДОНСКА РАПСОДИЈА 32

Сил лукаво се насмевна. Порача нова тура, љубезно ми ја запали цигарата пред да ја запали својата, и рече:

– Мене ме доверија на една сорта научник, кој овде би минал за маѓепсник. Знаеше да прави цел куп работи. Се спријателивме. Единствена сенка што се појави, беше мојата “неспособност” да научам нешто. Така што, кога мојот пријател и професор отиде некаде за неколку дена, благодарејќи на стекнатото знаење избегав во насоката на овој свет. Чуварите ме подгонија. Но сум бил добар ученик. А нивниот А-45, одговорив со Х-22, потоа парирав на нивниот Л-0,03947 со еден К-47 помножен со 54. И така натаму. Навистина висока битка, дуел. Требаше да се има фантазија и брзина. Фактот што можат да минуваат низ ѕидовите, не им помогна многу за да ме фатат.

Ги дигнав веѓите во форма од покрив над куќа:

– Да се минува низ ѕидови?

– Да, се разбира. Имаат еден апарат, еден вид рентген, апарат со нешто како икс зраци, ако така претпочиташ да речам. Приближно како електрично џебно фенерче. Со него можат да гледаат внатре во живите и во мртвите тела, на саканата длабочина, тоа може да се регулира. Можат и да го регулираат тој апарат за моментално и селективно парализирање на движечките мускули на животните и на луѓето, во случај на потреба. Можат да го употребуваат и за минување преку течни или тврди препреки, или за да го елиминираат отпорот на воздухот при движењето на некое превозно средство. После поминувањето низ пречката пеш или на автомобил, не останува никаква видлива трага, оти тој апарат дејствува врз молекулските и атомските вибрации, спрема кои ги прави мигновено потребните пресметувања, едновремено автоматски се регулира во зависност од резултатот на пресметувањата при напредувањето низ препреката, постојано и синхронизирано со брзината и со средината низ која се минува.

– Накусо речено, си успеал да им избегаш?, реков станувајќи, оти персоналот на кафе-ресторанот се спремаше да затвори и тукушто ги плативме неколкуте чаши со повеќе или помалку жестоките пијалоци што ги испивме при разговорот.

– Да, ама чудна работа, речиси жалам оти избегав. Овде е пустина. Во местово вечерите се смртно здодевни. Овој свет е улав. Ама ти изнараскажав приказни! Гледам од изразот на твоето лице дека ме сметаш за избеган од некоја лудница.

Го честев цигара, му го поднесов учтиво пламенот од мојата запалка, се насмевнав и му реков:

– По прашањето на минијатуризацијата, чуда се прават.

 Додуша и тој тоа го разбра, парализиран каков што беше од мојата “запалка”.

Го свртив потоа мојот пиштол за резонација накај ѕидот, што за дел од секунда стана проѕирен на површина со димензиите на мала врата. Поминавме. Ми се брзаше. Ги фаќав сите пократки патишта, минував низ улици, низ пречки, низ визбите од станбените згради, дури и под земјата од едни гробишта во градот. Сил имаше само толку слобода колку што му беше потребно за да се движи со мене, со моја помош. На однапред определеното место, чуварите дојдени да го преземат од мене, чекаа со нивната кола на резонанција. Предавајќи им го Сил, им реков:

– Конфузен е и трауматизиран. Лошо има асимилирано некои нешта. Прво треба да се лекува, за да може подобро да се прилагоди и да нема повеќе желба да избега – им реков.

– Ќе го запишеме тоа во нашиот рапорт – рече еден од чуварите. И тој се качи на колата што веднаш потоа се нурна под земјата, се втурна низ подземните слоеви од земјиштето под градот, и исчезна без шум и без да остави траги.

 (продолжува)

Loading