„ЖИВИ АРТЕФАКТИ…“ ОД ФИЛИП ЈОВЕСКИ

Изложба                

“Живи” артефакти – трансмутација на мултимедијалното трансдисциплинарно уметничко дело”  е тематската изложба од нашиот уметник Филип Јовески поставена во галеријата на ФЛУ (Факултет за ликовна уметност) во Скопје. Поставката е дел од одбраната на магистерскиот труд на Јовески под наслов “Завршна изложба за магистерска работа” и ги сублимира сите претходни истражувачки аспекти, интереси и дисциплини во едно.         

– Изложбата е комбинација на аналогни дела работени во традиционални техники, инспирирани од нашето богато културно наследство и мотивите на народните носии, претставени како симплифицирани, кодифицирани претстави на експресивни внатрешни состојби на свеста, суперпозиционирани со дигитално изработени дела во разни техники и софтвери, инспирирани од повеќе дисциплини, како што се архитектурата, скулптурата, музиката и визуелната уметност, презентирани со нови дигитални медиуми преку апликација за аугментирана реалност. Проект лежи во пресекот на уметноста и научното истражување и ја покажува страста за континуирано истражување и мојата посветеност да го водам проектот од почетните фази, зачнување, до крајот, кој не е дефиниран со крајот на процесот на создавање. Проектот понатаму преминува во процес на континуирана повторна реупотреба, што ја гарантира неговата одржливост и издржливост и отвора можности за идни уметнички и истражувачки проекти. Тоа истражува како се поврзуваме со нашата околина, како уметноста може да ги надополни нашите сетила и како просторот околу нас влијае на нашите најдлабоки, највнатрешни мисли и чувства. Концептот предвидува уметнички дела кои постојат во две различни нивоа на реалност и, на тој начин, создаваат два различни света на егзистенција надредени еден во однос на друг во исто време во просторот. Првиот слој на реалноста е физичкиот свет, каде што уметничките дела се изработени во традиционални техники (ликовни дела во комбинирани техники, како што се: акрил, пастел, мастило итн.) и го претставуваат првото ниво на постоењето (транспонирани, поедноставени, семиотички претстави од покомплексните АР – аугментирани реалности). Вториот слој на реалноста е АР (виртуелна аугментирана реалност), каде што уметничките дела ќе бидат претставени како 2Д и 3Д скулпторски објекти и анимации кои би се издигнувале од уметничките дела во првото ниво на постоење, а со тоа би создале поживописен суперпозициониран свет. Изложбата користи аугментирана реалност (АР) за да се презентираат новите светови. Ова ја прави инклузивна и интерактивна. Живите артефакти претставуваат код, симбол и дестилација на суперимпонирани концепти и идеи, засновани на личното искуство во областа на визуелните уметности, архитектурата, културното наследство, скулптурата, итн., а отелотворени и изработени во разни медиуми (традиционални и дигитални) и потоа презентирани со помош на разни технологии (АР, ВР, ХР). Трансмутацијата настанува кога аналогното уметничко дело изработено со традиционални сликарски техники се претвора во дигитално, бинарно и ефемерно дело. Во истиот момент, ги гледаме паралелно двете дела на истото место, суперпозиционирани, но во потполно различни реалности (физичка и виртуелна). Во тој момент, визуелниот код трансмутира во дигитален код кој, пак, трансмутира во информација која е визуелна и аудитивна – вели Филип Јовески.

Loading