ДАНИЕЛ МЕЛВИЛ – МАКЕДОНСКА РАПСОДИЈА 33

Единец

Ветерот гладно виеше. Белите ѕвезди снег лудо, панично се вртеа во круг. Планината офкаше, јачеше, чиниш крикот од нашите утроби излегол надвор од нас. Се вивнал бесно проугоре, завиел, се расплакал, обвинил, побарал нешто императивно, категорично, настојчиво. Би се рекло дека дел од нашите црева се скинале од нас и крвав, топол, обвиткан со магла од испаренијата, летнал како царски орел, или, можеби како буф или утка. Нашите ноќи често ги посетуваше Морана, божицата на злото и на смртта, качена на бел пајтон, влечен од бесни ветрови, скриен во облаци од снегулки.

Седев, или, поточно лежев во пештерата, со муцката и со полуотворени очи гледав надвор во виулицата што веќе со денови не запираше. Повремено го напуштав моето ослабено тело. Одев да шетам по осоите, по познатите сртови, превои, висорамнини. На тој пат ја среќавав гордата и лута Кривонога, што ја запознав пред неколку лета, во деновите кога едно рикање ми го раскрвави мевот и, проследен од таа внатрешна рана, скитав нервозен и нестрпелив по висорамнините, по превоите, по сртовите тревосани. Во некое исушено речно корито ја сретнав Кривонога. Ме погледна со љубопитство и недоверба. Кога í се приближив, ми покажа со забите дека не се плаши од мене, од царот на планината. Нашите први кавги и тепачки се претворија во пријателство. Често се состанувавме во близината на исушеното речно корито. Заедно ги минувавме месечинестите ноќи, трчајќи еден покрај друг, или прпелајќи се на тревата во игри во кои понекогаш нашите остри заби кусо и застрашувачки чкрапнуваа. Кривонога беше бујна млада жена, со серт карактер, смела и јака. Таа, и мечката Главуч, беа единствените жители на мојата планина што не се плашеа од мене. По некое време Кривонога почна поретко да иди, да ме бара крај исушеното речно корито. Се поретко сакаше да игра или да трча до мене во топлите ноќи полни со месечина. Еден ден сосема ја снема. Ја барав, следејќи ги нејзините мириси отпечатени на тревата. Кога мирисите се појавија и во ветрето што одвај осетно дувкаше, осознав дека Кривонога не е далеку. Ме зачуди што беше еден надразлив мирис, познат и непознат истовремено. Кога ме виде, Кривонога потстана и заржа. Ми текна зошто не сакаше повеќе да игра со мене. Покрај неа цифкаа две новородени деца – Долгоух и Крилоног.

Времето минуваше. Месечините се сменуваа. Долгоух и Крилоног пораснаа и отидоа секој башка да живеат на своја планина. Кривонога и јас ја исполнивме нашата задача. Ги научивме како се коли и носи со себе на сигурно место храната.          

Една летна ноќ, некој бел волк на две нозе, со огнен песјак во рацете, полека се зададе низ долот пред пештерата каде спиеше Кривонога. Белиот волк извади од џебот свирче. Почна да писка и да офка како Зајко Кокорајко што плачи и моли кога змијата Лутица му ги закопува забите во крзното. Кривонога, вечно со пропаст без дно во утробата, стана и изгладнето погледна надвор. Кога нејзиното слабо тело се исцрта пред пештерата на месечината, белиот волк рикна со огнениот заб. Кривонога потскокна и падна на земја. Белиот волк ја зеде и ја однесе со него. Оттогаш повеќе не ја видов, а и Крилоног и Долгоух не ја сретнаа никаде кога долго шетаа низ планините, надевајќи се да ја најдат и да танцуваат по месечината.

Едно тивко виење ми се истргна од градите носталгично, и се откачи од моите спомени. Надвор виулицата стивна и месчината се подаде за неколку мига. Кога денот почна да се раѓа, едно високо виење се слушна од кај Мечкиниот дол. Излегов од пештерата, се протегнав, го стресов крзното, ја кренав муцката нагоре и одговорив со долго виење. Други повици се јавија. И нашите другари од висорамнината на искланите овци, од Коњските карпи, од Пештерата на гладната планина, од Волчјиот рид, почнаа еден по еден да се спуштаат кон Мечкиниот дол, од каде повремено не повикуваше еден стар волк, викан Дебелврат, татко на многу од нас помладите. Така се собравме десетина. Се спуштивме заедно до една лединка што се вика Ливада на единците.

Планината јачеше од прострелливи виења. Снегот одвај слушливо крцкаше под нашите шепи. Утробите, расплакани и окрвавени од глад, како да ни се откоруваа од внатрешноста и се искубнуваа од нашите челусти во вид на виењето. Нервозни, нетрпеливо бодинавме кон Ливадата на единците, знаејќи дека и денеска таму ќе играме едно старо оро, што ќе сврши со малку балсам за пустелиите во нашите стомаци. Оној кој ќе остане последен, белите волци го викаат Единец. Тој е најлукавиот, најсилниот и не се плаши од никој и од ништо. Среде бел ден, се случува да оди по селата на белите волци и да им го јаде добитокот.

(продолжува)

Loading