ДАНИЕЛ МЕЛВИЛ  МАКЕДОНСКА РАПСОДИЈА 34

На Ливадата на единците го заигравме нашето волчјо оро. Трчавме во круг и се касавме еден со друг. После некое време, синот на Кривонога и мој, Долгоух, падна изнемоштен од рани. Сите, како обично, се нафрливме на паднатиот, откинувајќи му парчиња топло, крваво месо, од кое на студот излегуваше пареа. Се тепавме заедно за подобрите места, поблиску до паднатиот другар. Стрвно ги голтавме големите залаци. Набрзо од син ми Долгоух не остана ништо друго, освен едно големо петно од крв на снегот.

Таквите танци се повторија и следните денови. На тие игри нé канеше и нé учеше најстариот, татко ми Единце Дебелврат. Тој, како најстар, добро ги познаваше нашите волчји традиции особено за долгите и студени зими. Еден по еден ги јадевме нашите другари, во тоа бело царство на Морана. Крилоног, Острозаб, Сивобрат, Белопесјак, Танковрат и другите пцовисаа еден по еден, жртви на нашиот незаситлив глад и на нашите волчји ора. Последни останавме татко ми Единец Дебелврат и јас. Едно спокојно зимско утро го чув апелот на Дебелврат, откај карпите на Мечкин дол. Се сетив дека останавме само двајцата. Дебелврат со ваквите игри преживеал многу зими. Ги изел сите свои другари. Затоа и ја носи титулата Единец. Ги познава сите волчји стратегии и тактики, сите јавни и тајни отворања и затворања на нашите силни вилици, вооружени со остри заби. Не ќе биде лесно да играм со него на Ливадата на единците. А тој ми беше и учител. Тој ме научи како се коли овца, се фрла на својот врат и се пренесува така товарена врз себе на безбедно место (затоа и вратот му беше дебел, а белите двеножни волци велат дека “на волкот му е дебел вратот, оти сам си ја носи овцата”.

На ливадата, Дебелврат и јас се погледнавме. Едно долго обвинително виење ни се истргна од градите. Не знам кого го обвинувавме за нашата тешка судбина, за бездните во нашите утроби што само голтаа и пак бараа да се голта. Не се плашев од Дебелврат. Гладот ме заслепуваше. Сакав само едно, да го отепам и да го изедам.

Нашата борба траеше долго. Со Дебелврат бевме дојстојни непријатели, едниот за другиот. Лукави, претпазливи, силни, безскрупулозни. Крв изобилно ни течеше на двајцата од раните што си ги правевме по телото, касајќи се еден со друг. Продолживме да се бориме, да се касаме, верувајќи дека следното каснување ќе го кутне на земи противникот во орото. Кога помислив дека сум печен, оти бев исцрпен и обескрвен во играта, Дебелврат падна на снегот. Забрзано дишеше, крв му течеше од многу рани. Свесен беше за она што сега ќе го снајди, оти тој честопати гледал паднат другар, безсилен и понатаму да се бори и да се брани. Потоа, Дебелврат го јадел, како јас сега што се спремав да го сторам то со него и тда ставам крај на неговата долга и богата кариера на Единец. Го гледав право во очите. Се обиде да се брани, но неговите изнемоштени мускули само се растреперија под кожата, неспособни да ги послушаат наредбите на неговиот мозок, на неговиот инстинкт за самоодржување, и на неговиот страв пред смртта. Скокнав кон него, му ги закачив забите во вратот, и почнав да го раскинувам и да го јадам. Она што остана од неговото тело, го натоварив на вратот, како тој што некогаш ме научи, и го однесов во мојата пештера на планината. Таму останав неколку дена. Си ги лижев раните, се одморав и повремено станував да ги јадам остатоците од Дебелврат.

Сега сум сам волк на планината. Не се плашам од никој и од ништо. Силен сум лукав, вечно гладен. На средбелден одам по селата со луѓе и им грабам овците за да ги јадам. Се плашат од мене. Викаат на нивниот јазик –  “Еве го Единецот! Бегајте луѓе”.

Во воздухот мириса на пролет. Набрзо снегот ќе исчезне. Стадата ќе се вратат на планините и со нив изобилно ќе се хранам, но знам дека мојот вечен глад никогаш нема да го заситам. Ќе најдам некоја друга Кривонога. Со неа ќе имаме деца со кои ќе ги населиме опустените планини, на местото од другарите што ги изедовме или, поточно, што ги изедов оваа зима. Горд сум, силен, непобедлив. Не се плашам ни од зима, ни од двеножен бел волк. Цар сум на овдешните планини. Јас сум Волк Единец.

 (продолжува)

Loading