ВО ЗНАКОТ НА ГОРАН СТЕФАНОВСКИ

Вечерва се крева завесата на 58. издание на МТФ “Војдан Чернодрински”

Со доделување на наградите за животно дело на актерите Мими Таневска – Србиновска и на Јордан Витанов, и со изведбата на претставата “Хеда Габлер” на Драмскиот театар, вечерва во ЦК “Марко Цепенков” почнува 58. издание на МТФ “Војдан Чернодрински”. Во библиотеката ќе биде отворена изложбата “Горан Стефановски и книгите”. До 14 јуни ќе се проследат 11 претстави во официјална конкуренција од националните театри и шест во придружната програма.

Фестивалската програма е обединета под концетот “Ново читање” .

– Иницијалната позиција од која почна селекцијата е да се дефинира сериозна голема театарска претстава која е во контекст или со годинешниот Автор во фокус – Горан Стефановски или во контекст на современиот пристап во третирањето на театарот денес. Мотото на фестивалот е “Промени се, промени сé”. Го прикажуваме тоа што е современо и актуелно, во корелација со европските театарски трендови. Во програмата доминира потребата да се најдат нови читања на стари теми, создавајќи поинаков третман на просторот… – вели д-р Ана  Стојаноска, ументички директор на фестивалот.

Концептот “Ново читање” ги опфаќа двете потпрограми: “Новото читање на драмите од авторот во фокус – Горан Стефановски” и “Ново читање на класиците”.

Во придружната програма освен шесте претстави, ќе биде промовирана и театарска литература. Еден ден ќе биде комплетно е посветен на Авторот во фокус – Горан Стефановски. Ќе се презентираат сите актуелности поврзани со зачувувањето на ликот и делото на Горан Стефановски во македонската култура.

Ќе бидат одржани пет работилници, а ќе има и активни фестивалски зони кои ќе се одржуваат секој ден.

За наградите ќе одлучува тричлено меѓународно жири, во состав: д-р Марина Миливојевиќ-Маѓарев, театарска критичарка од Србија, д-р Марина Катниќ-Бакаршиќ, драматург од Сараево и актерката Варја Ѓукиќ од Црна Гора.

Концерт на дуото Добрила и Доријан ќе бидат завршиница за свеченото доделување на наградите и за годинешното спуштањето на фестивалската чига.

Loading