ПРИЛЕПСКИ МИСТЕРИИ

Македонија во минатото, па и денеска во оваа 2024 година, е полна со мистерии. Можеби некој некогаш ќе се натовари со нивно собирање во книга врз која би се наведнал некој научник да селектира што е реално, рационално, а што навистина засега не е можно научо да се објасни.

Наближува големиот празник на Воскресението, Велигден. И тој е голема мистерија. За тоа нема да зборуваме.

Но, не би било лошо оние кои лично сретнале некоја необјаснета појава или, пак, некој нешто им раскажал, макар и фантастично, неверојатно, да седнат случајот да го запишат или некому да го издиктираат, за епизодата да не исчезне од меморијата на прилепските, па и општо земено македонски хроники. Колку за илустрација еве овде неколку извонредно куси фрагменти.

Во разгорот на Втората Светска Војна со мајка ми, која ме водеше, држејќи ме за рака, одевме на посета кај роднини на другиот крај од градот. Минувавме покрај куќата од д-р Шајкар, во која беше полицијата, а во визбата, затворот беа уапсени, лица под истрага, т.е. подложени на тортури и убиства. Стражарот со безобразен дрзок поглед нé гледаше, а од зградата се слушаше пискање на млада жена која ја тепаа.

“Што е ова, мамо?” – прашав, а таа ми ја стегна раката и тивко ми рече:          “Оди и молчи!”.

Од места во градот каде имаше германски или бугарски војници, се слушаа истрели. Имено, на небото, веднаш под облаците, неподвижно рееше “балон” во конусна форма, врвот свртен надолу и полутопчеста база. Ниту еден проектил се чини не му наштети. Што беше тој “балон” неподвижен на ветерот и без никаков шум, никогаш не дознав.

Убав сончев ден. Предпладнето, едно другарче од соседството ме покани зад куќата и ми покажа кон небото. Таму бесшумно леташе нешто, ама што? Долго како змија, бело како облак, змиесто се брануваше и полека исчезна во насока на југоисток. Се чу после дека, како и други необјаснети појави, таа летачка, што прво се појавила како “ѕвезда” пред да порасне и да се издолжи, бил метеоролошки балон од Сојузниците во војна против Оската што, после тоа, благодарејќи на така собраните информации, испраќаа авијација во мисии на бомбардирање (кога ескадрилите од стотици бомбардери и заштитни ловечки авиони го надлетуваа Прилеп, небото поцрнуваше и градот се тресеше од брчењето на нивните мотори). Не, во случајот не беа метеоролошки балони, тоа беше очигледно, ама тогаш што беа тие летачки? Се разнесоа гласови дека “ѕвездата”, т.е. “балонот” после некаде паднал. Изгледа таквите “известувања” потекнуваа од тогашните власти со цел да го успокојуваат народот.

Во нашата улица имаше празна куќа со двор, обраснат со трева и неколку плодоносни дрвја. Еднаш неколку адолесцентки од соседството и ние машки деца на предшколска возраст игравме во тој двор. Одеднаш, и покрај силното сонце, светна наоколу силна светлина, како магнезиум од блиц. Девојчињата се исплашија и ни рекоа сите да си отидеме оттука. Немам никакво објаснение за таа појава.

По ослободувањето, едно утро во основното училиште “Кире Гаврилоски – Јане” децата раскажуваа дека минатата ноќ целиот Прилеп бил осветлен од некаква црвена светлина. Луѓето се разбудиле и се чуделе што е тоа. Ист беше случајот и со моите родители (мене, на мое незадоволство, не ме разбудија). Се најде “објаснување”. Феноменот била поларна светлина(!). Ајде-де!

Една вечер, после стемнувањето, по обичајот, жени седеа на самоделски клупи пред портите и разговараа. Една ѕвезда се појавила на исток, залетала, запрела, па пак се вратила полека во насоката од којашто дошла. За оваа појава жените зборуваа некое време и беа вознемирени. Навистина чудна ѕвезда.

Во гимназијата, идната “Стара Гимназија”, училиштето “Кочо Рацин”, на крајот од часовите попладнето кога излеговме ние, учениците, видовме крај Оревоечка Река толпа од најмалку стотина селани, дојдени на пазар, кои гласно разговараа и гледаа накај прозорците баш од нашата училница. Велеа дека на нив е појавена Богородица. Јас погледнав, но ништо не видов. Еден функционер од милицијата во цивилна облека ги забираше селаните кои “ја гледаат Богородица”. Ги водеше до една камионетка да бидат однесени во милицијата и таму да “објаснат” што и како “виделе”. Во случајот, навистина немаше ништо на прозорците, освен траги со повеќе бои од некаков продукт за чистење на стаклата. Сепак, во тоа време низ Прилеп и околијата, а претпоставувам и низ целата Република, имаше психоза на “појавување на Богородица”. Професорката по српски јазик следните денови “ни објасни” на својот час дека во прашање биле странски агенти кои носеле на раката прстен со на него гравирана Богородица па, ги фаќале на прстенот сончевите зраци и ги управувале кон некоја витрина, со што “ја проектирале сликата на неа, за да предизвикаат страв и други чувства кај народот”. Се разбира дека учителката со тие “објасненија” всушност ги следеше напатствијата, добиени од дирекцијата на гимназијата и, секако од властите, за кои спомнатата психоза беше негативна, па и опасна појава.

Еден бивш партизан, борец од Прилеп, ми раскажа интересен случај што го дознал од свои соборци. После Ослободувањето, негови другари од војната кажувале како додека биле ноќе на стража пред зграда надвор од населено место со во неа складирани експлозиви, слушале во планината дружно викање на партизани лансирани во јуриш против непријателски позиции: Ура! Ура! Ама нигде немало никој друг освен стражарите.

Сакам да кажам неколку збора во врска со она што личноста од книгата ни раскажа овде. Денеска во светот постои огромна литература за мистериозни појави за коишто науката уште го нема дадено својот дефинитивен збор. Меѓу другото, во однос на појави на Богородица, постојат славни светски примери, како оној на Фатима, во Португалија, или, пак, во Мексико. Нема сомнение дека во тоа има нешто што вреди да се испита строго научно, со потребните објективни критериуми. Значи не е во прашање да се гледа на необјаснети појави слепо, со суеверие, туку да се одделуваат лагата од вистината, за да може во даден момент феноменот да се анализира и евентуално да се објасни.

Петар Стојаноски

Loading