НЕ СУМ ДОБАР, АКО НЕ ПОМИНАМ 6-7 КИЛОМЕТРИ

Дневна пешачка доза на пензионерот Владимир Конески

Седумдесетишест годишниот Владимир Конески е натурализиран скопјанец. Тој е од долненско. Вели дека е селско дете и со години ги тера селските тертипи. Години живеел во Скопје. Бил машински инженер во фабриката за автобуси. Бил иноватор, наградуван на саемот Макинова. Имал пронајдок за бришачите за автобусите. Дел од пронајдоците биле применети во ЈНА.

– Сега сум во селото Долнени, на родната грутка. Се вратив откако престана да работи фабриката 11 Октомври. Така Долнени –  Скопје појди -дојди, веќе 20 и некоја  година. И соседите ме прифатија. Ми легна животот на село – кажува Конески

Живее од пензијата и од земјоделие. Не се жали. Сработил 700 килограми  тутун. Не е многу, но толку може еден човек.

– Добри ми е здравјето, оти ја одржувам кондицијата со движење. Врвам дневно најмалку по 6-7 километри. Пешачам насекаде околу. Овде е чист воздухот, незагаден, милина за белите дробови. Сé е чисто. Уживам во убавиот и тивок живот – вели Конески.

Не знае да мирува. Не може да живее без работа. Се вклучил и во пензионерското здружение во Долнени,

– На  татковиот имот се занимавам со земјоделие. Одгледувам по некој декар тутун. Добредојдени се приходите за семејниот буџет. Направив и пластеница за одгледување на пиперки, домати, краставици, тиквиња и други земјоделски производи за домашни потреби. Засадив повеќе тикви од турско семе. Праќам во Скопје и ги поделувам бесплатно на комшиите. Многу се сторија. Ако не се подарат, ќе се фрлат. Поставив систем капка по капка на три декари. Со две пумпи го полевам тутунот. Засадив и сливи и лешници. Сите се вадат со капка по капка – кажува Конески за земјоделските зафати.

Откако го сработил, го предал тутунот со висок квалитет за добра цена и доста пари.

– Убаво ми е. Кога ќе застари човек, му е потребен мир и, додека може, да подработува за задоволство, за подобро здравје, а не за пари. Прошетувам каде што сакам, ги слушнам сега, пролетва, звуците, песните на птиците, на славеите. Полн сум со кислород. Уживам во својот, чист, еколошки зеленчук, па овошје. Сакам чиста околина како полето во моето родно село. Ги сакам поздравите на соседите, сакам да живеам селски, а не градски и немирен живот. Затоа и сум тука повеќе од две децении. Децата, внуците од едниот син ме викаат да се вратам во Скопје. Ама ме трга срцето повеќе за Долнени – рече Конески при разделбата.                                                         

Loading